Вучиќ: Косовската војска е посилна од македонската

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој деновиве изразува загриженост поради воената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово, се осврна и на капацитетите на Косовските безбедносни сили (КБС), оценувајќи дека според одредени американски индекси тие се посилни од армиите на Северна Македонија и Црна Гора.
Не го велам тоа јас, тоа е нивна гледна точка, не моја“, изјави Вучиќ, пренесе 4news.mk, додавајќи дека станува збор за проценки направени според меѓународни анализи.
Говорејќи за сојузот меѓу Хрватска, Косово и Албанија, српскиот претседател оцени дека станува збор за „најголемата закана“ за Србија, тврдејќи дека целта на ваквата соработка е да се изврши притисок врз Белград.
Вучиќ моментално престојува во Индија, каде учествува на самит посветен на вештачката интелигенција. Според порталот „Коссев“, тој таму остварил средби со индискиот премиер Нарендра Моди, францускиот претседател Емануел Макрон, како и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Коссев“ потсетува дека Хрватска на 18 март минатата година потпиша Декларација за воена соработка со Албанија и Косово, што предизвика негативни реакции во Белград, каде властите оценија дека таквиот потег ја поткопува регионалната стабилност и претставува провокација за Србија.
Вучиќ изјави дека според неговите проценки, сојузот е формиран со цел да се подготви терен за можен конфликт во Европа во иднина.
„Тие го формираа тоа со цел да ја очекуваат можноста за конфликт меѓу Европа и Руската Федерација, а кога тоа ќе се случи, да можат да извршат инвазија врз Србија од неколку различни правци“, изјави тој.
Тој и претходно, од Минхен на 13 февруари, изјави дека „најголемата закана за Република Србија е воениот сојуз Хрватска–Приштина–Тирана“.
Сепак, според „Коссев“, реториката на Вучиќ се менува кога разговара со регионалните лидери. По разговорот со хрватскиот премиер Пленковиќ, српскиот претседател изјави дека добил уверување дека сојузот не е насочен против Србија.
„Вечерва долго разговарав со премиерот Андреј Пленковиќ. Не би било во ред да изнесувам сè, но можам да кажам дека тој рече дека сојузот не е насочен против Србија. Сè друго што би рекол би излегло од рамките на цивилизираноста и доброто однесување“, изјави Вучиќ пред новинарите.
Тој додаде дека неговото мислење за сојузот останува исто како и претходно, но од дипломатска пристојност не сакал јавно да ги повтори сите свои ставови.






