Вучиќ најави избори помеѓу септември и ноември

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека следните избори во земјата ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември, нагласувајќи ја подготвеноста за политички дијалог и покрај, како што рече, одбивањето на дел од опозицијата.
Вучиќ изјави дека ќе продолжи да ги повикува политичките противници на разговори и нагласи дека ги почитува сите учесници во политичкиот живот.
Тој додаде дека ќе ги признае резултатите од изборите доколку неговата партија изгуби, но нагласи дека ќе продолжи да се залага за дијалог и, како што рече, „обединета Србија без едноумие“.
-Мој приоритет е натамошниот развој и модернизација на земјата, со јасно мнозинство што ќе ја спроведе својата програма – рече тој.
Српскиот претседател, исто така, рече дека Србија силно ќе ја поддржи Српската листа на претстојните избори во Косово на 7 јуни, оценувајќи дека условите за Србите ќе бидат тешки.
Тој ги обвини властите во Приштина дека вршат притисок врз српската заедница и повтори дека формирањето на Заедницата на српски општини е клучно прашање за Белград.
Во врска со безбедносните прашања, Вучиќ најави борба со корупцијата во полицијата и рече дека ќе бидат санкционирани сите што учествувале во криминални активности.
-Државата подготвува построги законски мерки за спречување злоупотреби – посочи Вучиќ.






