Вучиќ од Гранада сподели фотографија од средба со пријателите Орбан и Ковачевски

Српскиот претседател Александар Вучиќ по пристигнувањето на третиот Самит на Европската политичка заедница објави заедничка фотографија од, како што вели во постот на Инстаграм, кратката средба со пријателите (Виктор) Орбан и (Димитар) Ковачевски.

Вучиќ, заедно со премиерот на С Македонија, Ковачевски, и неговиот унгарски колега Виктор Орбан се дел од претставниците на вкупно 47 земји кои учествуваат на Самитот во Гранада, кој започнува денеска.

„Кратка средба со пријателите Орбан и Ковачевски пред почетокот на Самитот, на која ќе се разговара за голем број важни теми за денешна Европа и, се надеваме, за Западен Балкан“,

напиша Вучиќ покрај објавената фотографија на инстаграм-профилот „будуќностсрбијеав“.

Македонскиот премиер претходно при самото пристигање во објектот каде што ќе се одржи Самитот, пред новинарите истакна дека станува збор за исклучително важен состанок на кој една од главните теми ќе биде проширувањето на Европската Унија.

Говорејќи во тој контекст, премиерот го спомна работниот документ подготвен од Германија и Франција, кој се однесува на стратешките промени што треба да се направат, за да може Унијата во блиска иднина да биде подготвена за прием на нови членки.

Македонскиот премиер беше воздржан за коментар околу документот познат како Француско-германски предлог, но оцени дека тој е позитивен за С Македонија и за земјите од регионот.

„Веќе им е јасно на сите дека Германија и Франција имаат изработено работен документ кој се однесува на стратешките промени коишто треба да се направат. Јас тоа не можам да го коментирам во моментот, бидејќи станува збор за работен документ, а не финален документ и затоа ќе оставам тие да го комуницираат, иако го имам видено, и сметам дека тоа што стои како предлог во самиот работен документ е позитивно за нашата држава и за земјите од регионот“,
изјави Ковачевски.

Попладнево во објава на социјалната мрежа Фејсбук премиерот Ковачевски напиша дека работниот дел на третиот Самит на Европската политичка заедница започнaл со пленарната сесија која ја отворил шпанскиот премиер Педро Санчез.

„Со лидерите на земјите од европскиот континент денеска ќе говориме за клучни теми, планови и активности кои ќе овозможат стабилност и безбедност, ефикасно справување со предизвиците кои ги наметнува новото време, и кои ќе ги подготват Европската Унија и европскиот континент за иднината. Очекувам плодни дискусии кои ќе се основа за конкретни мерки и активности“,напиша Ковачевски на Фејсбук.

Во објавата, Ковачевски сподели фотографии од неформални средби со повеќе странски лидери, меѓу кои и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој учествува на Самитот.

 

 

Back to top button
Close