Вучиќ по средбата со Кошта: Атмосферата за отворање поглавја во ЕУ „не е многу добра“
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека е свесен дека многу функционери во Европската унија (ЕУ) не ја одобруваат неговата неодамнешна посета на Москва, но дека се надева дека ќе бидат разбирачки и дека Белград наскоро ќе може да го отвори Третиот кластер.
По разговорот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Палатата на Србија, Вучиќ изјави дека е задоволен од средбата и дека на неа се разговарало за дијалогот со Приштина, зачувувањето на регионалниот мир, потребата од реформи во Србија и заминувањето на Вучиќ во руската престолнина.
„Многу сум среќен што разговаравме, задоволен сум од содржината на нашите разговори. Кошта донесе добра волја во разговорите за пристапување на Србија во ЕУ (…) ЕУ е партнер од најголемо значење за нас, имаме најголем обем на трговија и размена на услуги“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е свесен дека атмосферата за отворање нови преговарачки поглавја за пристапување во ЕУ „не е толку добра“ поради неговата посета на Москва, но дека Србија ќе вложи максимални напори да направи сè што е претходно договорено.
Според него, постигнат е напредок во областа на медиумските закони.
„Го завршивме Законот за јавни информации и добивме зелено светло од Европската комисија. Очекуваме позитивни мислења од ЕУ во врска со прифаќањето на препораките на ОДИХР во врска со изборните закони и изборниот процес, вклучително и регистарот на гласачи“, додаде српскиот претседател.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека во процесот на европска интеграција на Србија „топката е на нејзин терен“ и апелираше до српските власти да не губат време, да ги спроведат потребните реформи и да го искористат моментумот што постои во Унијата.
„Проширувањето се темели на градење доверба. Знам дека многу луѓе, не само во Србија, туку и во регионот, ја изгубија довербата во овој процес, но денес дојдов тука за да ве уверам во личниот ангажман на ЕУ и целосната посветеност на постигнување резултати во проширувањето“, изјави тој пред новинарите по средбата со Вучиќ.
Тој, исто така, нагласи дека дијалогот меѓу Србија и Косово е клучен, како и јасната осуда на руската инвазија на Украина.
„Топката сега е во ваш двор и ве молам да не губиме време бидејќи иднината нема да чека, па да го отвориме овој кластер и да продолжиме со успешната интеграција на Србија во ЕУ“, рече тој.
Коментирајќи го заминувањето на Вучиќ во Москва за да го прослави Денот на победата и покрај пораките од Брисел да не го стори тоа, тој рече дека српскиот претседател му објаснил дека отишол да одбележи настани од минатото.
„Но, во моментов, Србија е целосно посветена на процесот на пристапување во ЕУ и знае дека за тоа ни е потребна целосна координација во заедничката надворешна и безбедносна полиција. Не можеме да ја промениме историјата, јас целосно го разбирам тоа, дека Србија го слави ослободувањето, но не можеме да го славиме без да ја осудиме денешната инвазија на друга земја“, рече тој.
Кошта денес ќе се сретне и со српскиот премиер Ѓуро Мацут, со претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ и со опозициските парламентарни групи.
Пред неговото пристигнување, Кошта рече дека нема фиксен датум за прием на нови членки во Европската унија, но оцени дека Албанија и Црна Гора се пред другите земји од Западен Балкан.