Вучиќ прогласи победа на локалните избори во сите десет српски општини. Опозицијата обвинува за многу неправилности

Српскиот претседател и член на претседателството на СНС, од седиштето на партијата во Нов Белград, изјави дека се надева оти по денешното гласање ќе се запре прогонот на луѓето кои размислуваат поинаку. Според него, едвај е избегнато големо зло и рече оти ќе им подаде рака на сите луѓе во Србија да се обединат бидејќи, како што додаде, не се лесни времиња

Српскиот претседател и член на претседателството на Српската напредна странка (СНС), Александар Вучиќ, чие име се најде на сите листи на владејачката коалиција на локалните избори што денеска се одржаа во десет српски општини, објави дека СНС победила на сите места каде што се одржаа локални избори – Аранѓеловац, Бајина Башта, Бор, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Мајданпек, Севојно, Смедеревска Паланка.

Вучиќ, од седиштето на СНС во Нов Белград изјави дека се надева оти по денешното гласање ќе се запре прогонот на луѓето кои размислуваат поинаку. Според него, едвај е избегнато големо зло и рече оти ќе им подаде рака на сите луѓе во Србија да се обединат бидејќи, како што додаде, не се лесни времиња.

„Ќе кажам само неколку зборови, дека се надевам дека по денес, по вечерва, некои луѓе ќе престанат со прогонот на сите оние што мислат поинаку, дека денес едвај избегнавме големо зло. Некои луѓе вадеа оружје, малтретираа луѓе. Ќе им подадеме рака на сите луѓе во Србија бидејќи не се лесни времиња пред нас“,рече Вучиќ.

Според Вучиќ, победите во Лучани и Севојно биле најголемо изненадување бидејќи тие места, како што вели тој, биле „во срцето на бунтот“.

„Резултатите не се конечни, но се чини дека се“,рече Вучиќ.

Тој ги објави резултатите и рече дека во Аранѓеловац, во 90 проценти од гласачките места, листата СНС има 53 проценти од гласовите, студентите 44,9 проценти. Во Бајина Башта, околу 53,49 проценти од гласовите се за листата на СНС. Во Бор, 49,22 проценти, додека студентската листа доби околу 40,3 проценти, а влашката партија четири проценти.

Во Кладово, според Вучиќ, СНС ја има најубедливата победа – околу 72 проценти од гласовите, а студентската листа добила 26,69 проценти.

Књажевац, рече тој, листата на СНС има 57,11 проценти од гласовите, а во Кула листата „Кула наша породица“ добила 50,42 проценти од гласовите.

Во Лучани 63,78 проценти од гласовите биле за листата на СНС, во Мајданпек листата на СНС освоила 65,64 проценти, а во Севојно – 51,48 проценти.

Во најголемата општина – Смедеревска Паланка, листата на СНС добила 58 отсто од гласовите, додека студентската листа освои 29,22 проценти.

Вучиќ рече дека се надева оти идните избори ќе ги доживеат како демократска игра, а не како војна.

Инаку, денешните локални избори во десет српски општини поминаа со бројни насилни инциденти во кои имаше повредени граѓани, активисти и новинари.

Набљудувачката мисија на опозициското движење „Крени-Промени“ објави дека во текот на денот на изборите на неколку места е забележан „широк спектар на нерегуларности“, што може да влијае на самиот изборен резултат.

Постојаната работна група за безбедност на новинарите објави дека на десетте места каде што се одржуваат локални избори, имало повеќе случаи на физички напади врз новинари и граѓани.

Во соопштението се вели дека најдрастичниот случај се случил во Шарбановац во близина на Бор каде што двајца новинари биле брутално претепани, а една новинарка добила два удари во стомакот.

 

 

 

 

 

Back to top button
Close