Вучиќ: Резолуцијата 1244 има и лоши страни, но не гледам дека има други предлози

– Српскиот претседател Александар Вучиќ по повод 21-годишнината од потпишувањето на Кумановскиот договор и усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Обединети нации изјави дека резолуцијата има и добри и лоши страни, но дека не постои ниту еден друг валиден документ ниту пак некој предложил нешто друго, јави дописникот на МИА од Белград.

– Ние сме подготвени да разговараме, но можам само да се насмеам на ултиматумите од Приштина дека единствениот услов за тоа е признавање на Косово или некои дополнителни територијални аспирации. Никогаш нема да покажам ароганција кон многу моќни земји, но секогаш ќе можеме да кажеме „Не“ на загрозувањето на нашите витални интереси, со надеж дека ќе дојдеме до некое решение на кое би можеле да кажеме: „Да“. Но, јас тоа сè уште не сум го видел, истакна Вучиќ на прес-конференција во во Ниш, додавајќи дека нема да биде лесна борбата во наредните месеци.

На прашањето дали Србија би поминала подобро ако го прифатила пакетот од Рамбује, Вучиќ наведе дека е лесно да се биде генерал по битка, затоа што тогаш сите знаат сè.

– Мислам дека тогаш можеше и требаше да биде мудра српската политика, да избегневме загуба на помалку српски животи и  со посилна политичка позиција во светот да обезбедиме нешто подобри услови за зачувување на мирот, оцени Вучиќ.

Воено-техничкиот договор во Куманово беше потпишан на 9 јуни 1999 година на воениот аеродром кај Куманово. По потпишувањето на Договорот, беше запрено бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија, што траеше 78 дена.

Документот, меѓу другото, предвидуваше повлекување на српската војска и полиција од Косово, а еден ден подоцна, Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1244.

Back to top button
Close