Вучиќ се покаја за гласањето на европската резолуција во ООН: Требаше поинаку, бев оптоварен со други проблеми
Србија вчера гласаше за европска резолуција за Украина на Генералното собрание на Обединетите нации. Но, српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека неговата земја направила грешка и требало да биде воздржана, пренесува Анадолија.
„Мислам дека Србија згреши. За тоа им се извинувам на граѓаните на Србија и јас сам ја сносам вината за тоа, бидејќи веројатно сум уморен и оптоварен и не можам да направам се“, рече Вучиќ за време на гостувањето на ТВ Хепи. Тој додаде дека Србија требаше да се воздржи при гласањето за европската резолуција за Украина, исто како што беше и при гласањето за американската резолуција.
„Што се однесува до американската резолуција, гласавме точно како што треба, се воздржавме. Според мене, требаше да се воздржиме и за европската резолуција. И како што гледате, ова го кажувам во момент кога е сосема јасно дека поради ова ќе изгубам полза или политички поени во ЕУ. Верувам дека Србија требаше да се воздржи“, рече Вучиќ.
Тој тврди дека Србија не треба да се додворува ниту на Русија, ниту на САД.
Инаку, Генералното собрание на ОН усвои резолуција подготвена од Украина и нејзините европски сојузници на третата годишнина од рускиот напад врз Украина. Резолуцијата повикува на праведен и траен мир во Украина, итен прекин на непријателствата, целосно повлекување на Русија и дипломатски напори да се спречи понатамошна ескалација.
За оваа резолуција гласаа 93 земји, 65 беа воздржани, а 18 земји беа против, вклучувајќи ги САД и Русија.