Вучиќ: Во следните три или четири дена државата ќе преземе решителни мерки за враќање на мирот и поредокот во Србија
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска најави „решителна акција на државата за враќање на мирот и поредокот во Србија“, а за „уништувањето“ ги обвини оние што ги палат просториите на Српската напредна партија (СНС) и државните институции и ја напаѓаат полицијата на улиците за време на митинзите.
На прес-конференција во Палатата Србија во Белград, на која присуствуваа шефот на полицијата и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, тој рече дека граѓаните ќе ја видат оваа „решителна акција на државата за три или четири дена“.
-Во еден момент ќе ја видите сета моќ на државата Србија и ние ќе искористиме сè што е на располагање за да го вратиме мирот и редот во земјата (…) и ќе победиме, рече Вучиќ.
Во контекст на протестите во Ваљево, Нови Сад и Белград, нападите врз полицијата, демолирањето на просториите на Српската напредна партија, тој ги праша највисоките носители на обвинителски позиции дали ги знаат одредбите и дефинициите на законот во врска со теоријата што ја цитираше на прес-конференцијата.
-Само се плашам дека во следните неколку дена да не убијат некого, пред формално правно да подготвиме сè за реакцијата на државата и сè друго што е неопходно, тоа е сè што им остана, правеа сè друго, рече Вучиќ на прес конференцијата во Палата Србија.
Тој, исто така, рече дека државата ќе ги заштити „сите граѓани од насилство врз нив и нивниот имот“ и дека реакцијата на државата „ќе биде различна“ од претходно.
Според него, во последните два-три дена повредени се 173 полицајци, кои биле задолжени за одржување на јавниот ред и мир за време на ненајавени собири.
-Или ќе ги браниме вредностите на нормалниот, пристоен и демократски живот, или ќе имаме ситуации да ни доаѓаат по куќите, а ние да стоиме и гледаме, рече Вучиќ.
Тој ги праша „оние што организираат и вршат насилство што ќе прават утре кога клатното ќе се заниша и некои други ќе почнат да доаѓаат пред нивните куќи“.
На крајот, саркастично рече дека досега не слушнал реакција од еврокомесарката Марта Кос за палењето на просториите на СНС и запраша дали таа воопшто го видела тоа.