Вучиќ за депортираните српски граѓани во Тиват: „Нема криминалци меѓу нив, дојдоа да ми дадат поддршка“
Инцидентот со чартер-летот на српски државјани, кои беа вратени од аеродромот во Тиват непосредно пред Самитот ЕУ – Западен Балкан, бил резултат на иницијатива на лица од неговото опкружување, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, нагласувајќи дека меѓу патниците немало криминалци ниту, пак, намера за предизвикување каква било дестабилизација.

Говорејќи по пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Вучиќ рече дека денес би им се извинил на црногорските домаќини за непријатностите што настанале.
„Тие немаа оружје, ништо навредливо или опасно. Дојдоа за да создадат подобра атмосфера за мене, а никој дури не ме ни праша. Таму нема криминалци“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека од вкупно 87 српски државјани, кои биле вратени од Црна Гора, само петмина во минатото поминале низ некаква кривична постапка, нагласувајќи дека не станува збор за лица кои претставуваат закана за безбедноста.
Според српскиот претседател, групата била составена од активисти на неговата партија, а не од лица кои имале намера да предизвикаат инциденти или дестабилизација.
„Би ја прифатил политичката цена за погрешната проценка на некој од мојата околина. Се водеше брутална кампања Србија да биде претставена како дестабилизирачки фактор во регионот“, изјави Вучиќ.
Тој откри дека и покрај предупредувањето од Безбедносно-информативната агенција (БИА) за можни безбедносни ризици, сепак отпатувал на самитот во Тиват.
„Секогаш се чувствувам безбедно. Имам професионално обезбедување и верувам дека соработката со домаќините е на високо ниво, така што не очекувам никакви проблеми“, порача српскиот претседател.
Според информациите објавени вчера од црногорските медиуми, а пренесени и од Антена М, француските безбедносни служби ги известиле црногорските власти за доаѓањето на група лица од криминалното милје, за кои постоеле индиции за врски со владејачката Српска напредна странка. Информацијата потекнала од операторите на белградскиот аеродром, по што била споделена со француската разузнавачка служба ДГСЕ, која ги алармирала црногорските институции.
Црногорската полиција официјално потврди дека под засилени безбедносни проверки бил ставен чартер летот Белград – Тиват со 87 српски државјани. Дел од патниците биле идентификувани дека се од безбедносен интерес, по што им бил забранет влез во земјата.
Инцидентот добива дополнителна тежина поради фактот што на самитот во Тиват учествуваат највисоките претставници на Европската Унија, меѓу кои претседателот на Франција Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, германскиот канцелар Фридрих Мерц и други европски лидери.
Во политичките кругови во регионот се погласно се поставува прашањето дали станува збор за изолиран безбедносен случај или за поширока стратегија на притисок врз Црна Гора токму во момент кога таа се наоѓа најблиску до членство во Европската Унија од сите држави кандидати од Западен Балкан.
Според критичарите на српскиот претседател Александар Вучиќ, случувањата во Тиват се вклопуваат во поширок модел на политичко влијание и регионални операции насочени кон одржување на влијанието на Белград во соседните држави.
Политички аналитичари и претставници на опозициски партии во регионот предупредуваат дека последните години се почесто се отвораат прашања за влијанието на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) врз политичките процеси надвор од Србија, особено во земјите од Западен Балкан. Критичарите тврдат дека преку политички, медиумски и безбедносни канали се гради мрежа на влијание насочена кон зачувување на регионалната доминација на Белград и спречување на политики што би ја намалиле таа улога. Во тој контекст, дел од јавноста ги поврзува и случувањата во Тиват, како и активностите околу контрамитинзите и политичката мобилизација во соседните држави, со пошироки операции на меко политичко влијание кои често се припишуваат на структурите блиски до БИА.






