Вучиќ за најавеното заминување: Чувствувам и страв и надеж за иднината на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска зборуваше за најавеното повлекување од функцијата, оценувајќи дека чувствува и задоволство од сработеното, но и страв и надеж за иднината на државата.

„Чувствувам делумно задоволство од она што е направено. Но, истовремено чувствувам и страв и надеж за иднината на нашата земја“, изјави Вучиќ.

Тој потсети дека во изминатите девет години, најпрво како премиер, а потоа и како претседател, Србија се соочила со бројни предизвици, меѓу кои поплави, мигрантска криза, пандемијата со коронавирусот, војната во Украина и разговорите за Косово.

„Секогаш се трудевме да ги зачуваме нашите витални и национални интереси“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека е задоволен од економските резултати на земјата, но призна дека не е задоволен од тоа колку внимание било посветено на потребите на обичните граѓани.

„Никаде работите не се идеални. Важно е да ги забележиме сопствените грешки, да се менуваме и да видиме што можеме да им понудиме на граѓаните во иднина“, изјави српскиот претседател.

Според него, секојдневните предизвици на раководењето со државата биле исклучително тешки.

„Луѓето бараат раководство кое ќе се грижи за нив, а не за себе. Не ги интересира низ што поминува оној што треба да ги издржи сите притисоци, да ја чува слободата на земјата и да се бори за инвестиции во војската и полицијата. Не е секогаш едноставно“, додаде Вучиќ.

Тој порача дека Србија во изминатите години значително се променила, но дека останува уште многу работа за подобрување на животниот стандард и условите за граѓаните, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close