Вучиќ за средбата со Макрон: Ситуацијата во БиХ беше најтешката тема

Претседателот на Србија Александар Вучиќ по средбата со францускиот колега Емануел Макрон изјави дека најтешката тема за која разговарале било прашањето за Босна и Херцеговина, додавајќи дека се залага за „компромис“.

– Тоа е најтешкото прашање. Јас се борев да се најде компромисно решение, бидејќи не можам да прифатам дека единственото решение е – утре мора да го уапсиме Милорад Додик. Тоа е катастрофално решение, тоа е создавање проблеми и затоа му изложив некои мои идеи на Емануел Макрон, за кои не сакам да зборувам, не би било фер да ги изнесувам јавно, рече Вучиќ по денешната средба во Елисејската палата.

Тој додаде дека заеднички заклучиле дека „светот влегува во немирно доба и време на општа несигурност што ќе трае долго“. – Добро е што имаме еден голем сојузник во Европа, каква што е Франција. Верувам дека тоа е важно, рече Вучиќ.

Тој истакна дека за ситуацијата во Србија рекол дека е „горд на фактот што на мирен и демократски начин издржавме буквално терор во последните четири месеци“.
Се надева на позитивен одговор од Франција во врска со учеството на EXPO во Белград.

– Ја молев Франција да учествува на EXPO 2027, мислам дека ќе добиеме позитивен одговор и во формален смисла, рече Вучиќ, додавајќи дека со Макрон разговарал повеќе од два часа, за што му изрази благодарност на францускиот претседател.

Потврди дека на средбата станало збор и за Косово, додавајќи: „не мислиме за сè исто, што е сосема јасно, бидејќи тие го признаа Косово, а ние не. Но, благодарен сум на францускиот претседател за директното разбирање на ситуацијата. Тоа многу покажува за местото на Србија“.

Инаку, непосредно пред средбата, во видео објавено на Инстаграм, Вучиќ изјави дека едно од клучните барања на собирот што ќе го организира в сабота во Белград ќе биде „сите што зборуваат за насилство да одговараат пред законот“, директно обвинувајќи ја компанијата United Media дека претставува платформа за ширење насилство во Србија.

Во видео обраќањето од резиденцијата во Париз, Вучиќ поголемиот дел од времето го посвети на актуелната политичка криза во Србија. Тој рече дека јавноста во последните денови можела да види како изгледале таканаречените пленуми на студентите на кои, според неговите зборови, се зборувало за извршување на сериозни кривични дела.

„Видовме дека платформата за спроведување насилство во Србија, United Media, ги повикува граѓаните на насилство ако не добијат влада по нивна мерка – без оглед што немаат мнозинство и без оглед на законот“, рече Вучиќ.

Тој предупреди дека сите што зборуваат за насилство и „спасоносни насилни решенија“ ќе мора да одговараат, и дека од тие барања нема да отстапи додека, како што наведе, „не се исполнат во целост“.

– Извршителите ќе одговараат, а Србија повторно ќе биде слободна, ослободена од терор. Секој ќе може слободно да се движи, собира и мисли со своја глава, а не со туѓа, порача тој.

Ги повика и студентите да се вратат во училниците и амфитеатрите и да се посветат на учењето, порачувајќи им дека „времето на насилство и притисоци помина“.

Вучиќ, меѓутоа, како што потсетува Кликс, не спомена дека пленумите на Медицинскиот и Сообраќајниот факултет во Белград послужиле како средство за разоткривање на „крт“ кој доставувал информации до провладините медиуми. Се покажа дека студентите тајно ги снимал член на СНС и општински функционер од Младеновац, Војин Лазаревиќ, а неговата снимка ја објави таблоидот Информер.
На снимката јасно се гледа натписот „заврти го ова“ што студентите го држеле над таблата, што се толкува како доказ дека станувало збор за однапред осмислена акција за идентификација на доушникот.

Сепак, истата вечер беше уапсен студентот од Сообраќајниот факултет, Стефан Радоичиќ, на кого полицијата му ги одзела мобилниот телефон и лаптопот, а испитувањето траело два и пол часа.

Back to top button
Close