„За 250 евра страда цел град“ – Пановски со остра реакција за водоснабдувањето во Гостивар

Пановски се повикува на информации, според кои ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопштило дека грантот од седум милиони евра е блокиран бидејќи ЈП „Државни Патишта“ сè уште не издало одобрение за поставување цевка во должина од 600 метри, иако, како што се наведува, поминале две години.
Според Пановски, одговорот од ЈП „Патишта“ бил дека барањето било поднесено во февруари 2024 година и дека одговор бил изготвен, но не бил доставен до гостиварското комунално претпријатие бидејќи две години не била платена фактура од 16.500 денари за услугата.
„Крај“, коментира Пановски, посочувајќи дека во меѓувреме се промениле и централната и локалната власт.
Тој случајот го поврзува со кризата со водата и епидемијата во Гостивар, оценувајќи дека последиците од административниот застој се неспоредливо поголеми од сумата поради која, според него, проектот останал блокиран.
„За 250 евра, закочен е проектот од 7 милиони евра, а епидемијата ќе беше избегната, Гостивар ќе имаше чиста вода под притисок. За 250 бирократски евра, страда цел град, илјадници судбини, а трошоците се многу поголеми од 7 милиони евра“, напиша Пановски.
Мисли оти е достигнато „дното“, но настаните повторно го демантираат.
„Секој ден си велам ова е дното, не може полошо, ама оптимистот ми вели може. И во право е“, наведува тој.
Пановски нагласува дека неговата реакција не ја насочува кон конкретната актуелна власт, туку кон начинот на функционирање на институциите низ повеќе влади.
„Ова нема врска со власта, ама има со сите власти, ниту има врска со мојата струка“, пишува Пановски.
Тој додава дека информациите ги видел во вестите на Телма и МРТ и го опишува случајот како „неверојатен, но вистинит“.
Тврдењето дека реализацијата на проектот би ја спречила епидемијата е оценка на Пановски изнесена во неговиот Фејсбук-статус.






