За 26,4 милиони Владата ќе ги оценува медиумите и дали вестите се позитивни или негативни


Владата ја избра компанијата која треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание и ќе овозможи да се прави оценување на објавените вести дали се позитивни, негативни или неутрални.

За 26.415.480 денари компанијата Клипинг ќе го изработува софтверот, а на јавниот повик се јавиле само две компании.

Времетраењето на договорот е 12 месеци, односно една година.

Во техничката спецификација на тендерот објавена на веб-страницата на Бирото за јавни набавки без да се специфицира предвидениот буџет, стои дека фирмата која ќе биде избрана на тендерот треба да овозможи услуга за оценка на медиумското влијание или клипинг односно следење, селекција, изработка и дистрибуција на објави во печатените, електронските, интернет медиумите и на социјалните мрежи. Софтверот треба да овозможи податоци за медиумот кој ја објавил веста и име на авторот на веста.

„Веб пристапот до објавите 24 часа на ден треба да обезбедува можност за пребарување, обележување на клучни зборови во објавата, прикажување на оригиналниот извор со линк, можност за изработка на извештаи, можност за оценување на медиумските објави во однос на позитивна, негативна и неутрална конотација, онлајн квантитативна аналитика на објавите по одредени параметри“, стои во техничката документација на тендерот.

Владата бара добивање на информации во реално време, веднаш по нивното објавување, а најмногу два часа по објавата, модул за вештачка интелигенција како и мобилна апликација за сите видови паметни телефони.

Back to top button
Close