За 8 месеци 500 кривични дела биле извршени од повторници

При креирањето на предлогот на Закон за амнестија, ресорот правда не побарал анализа од МВР за бројката на повторници на кривични дела.

Во првите 8 месеци од 2023 година извршени се 500 кривични дела од повторници, од кои најголемиот дел или 412 се дела од класичен криминал: тешка кражба (член 236) – 144 дела, загрозување на сигурноста (член 144) – 36 дела, телесна повреда (член 130) – 26 дела, и загрозување на безбедноста на сообраќајот (член 297) – 23 дела…

Ова е одговорот на МВР, на прашањето на ДВ за бројката на санкционирани лица кои ги повторуваат кривичните дела. Бројката е важна во контекст на оправданоста на предлогот на Закон за амнестија, кој веќе е доставен до пратениците, со предлог да се носи по скратена постапка.

За целите што ќе се постигнат со донесување на Законот за амнестијаресорот правда во прв план го истакна јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица, растоварување на буџетот и на пренатрупаноста на казнено-поправните установи, со оглед на лошите услови во нив. Како аргумент за последново, министерот за правда Кренар Лога во средината на септември ја посети казнено-поправната установа „Идризово”. Сликите ја потврдија праксата што таму владее со децении: супстандардни услови за издржување на затворските казни, искршени кревети, влажни и мувласани ѕидови, пренатрупаност, затвореници кои спијат на ходнички подови…

„Очекувам поддршка, и освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало за секој пратеник да се гледа пред да гласа за овој закон“, порача Лога минатата недела.

Но, во образложението не беше вклучен  ни проблемот со повторништвото, ни анализи за етиологијатата на повторништвото. Во јавноста оправдано се постави прашањето – дали предложениот закон ќе ги реши проблемите со пренатрупаноста на казнено-поравните установи, ако се има предвид бројката на повторници на кривични дела кои излегуваат од затвор, но потоа многу брзо се враќаат таму.  Иако анализите на МВР за бројката на повторници би требало да биде еден од клучните сегменти за оценка на на оправданоста на предложениот закон, оттаму го одобивме следниот одговор: „МВР не беше консултирано од страна на Министерството за правда”.

Кога јас би бил пратеник…

Министерот за правда во обид да обезбеди широка парламентарна поддршка за предложениот закон, нагласува дека се работи за ист закон каков што Собранието изгласа во 2018 година. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, изјавува дека актуелниот е „дури и порестриктивен” од оној пред пет години, а ги разбива и сомнежите за политичка мотивација за законот.

„Ниту е работен за некого, ниту е работен за некој предмет“, рече Ковачевски синоќа на ТВ Сител.

Различните ставови за законот меѓу министри во Владата го објаснува со искуства од претходни амнестии.

„Различни министерства, водени од различни искуства во текот на имплементацијата на претходниот закон, имаат различни видувања на овој закон. Министерот Лога смета дека ќе се намали оптоварувањето на затворите, меѓутоа министерот за внатрешни работи – со кого разговаравме неколку пати и со кого ги имаме истите статистички податоци – смета дека законот не ги дава ефектите“, објасни Ковачевски.

Тој немаше одговор како ќе гласаат пратениците на СДСМ.

„Пратениците и на СДСМ и на коалицијата ќе може да ги погледнат сите факти и врз основа на факти да одлучат“, рече премиерот.

Прашан – кога тој би бил пратеник дали би го поддржал законот, одговори потврдно, но под одредени услови.

„Јас да сум во парламентот би го поддржал законот, меѓутоа со соодветни амандмани коишто ќе го направат да биде порестриктивен и ќе успеат да растоварат дел од капацитетите”, изјави Ковачевски.

Сепак, убеден е дека ни тоа нема да го реши проблемот.

„И тука, исто така се согласувам и со министерот за внатрешни работи, бидејќи нема да биде решен проблемот. Три се решенијата за проблемот. Прво, инвестиција во проширување на ‘Идризово’. Проширување на пробацијата – каде што треба да работат Министерството за правда, Управата за извршување санкции и судовите заедно, бидејќи ние во моментов имаме 450 кои се осуденици низ систем на пробација, заради побрза рехабилитација и интеграција во општеството. И – воведување на електронските алки за оние коишто може да издржуваат казна во домашни услови“, наведе Ковачевски.

Алките биле набавени, а со ребалансот на буџетот и испланирани средства за нивно ставање во функција.

Да се даде можност

По сите овие сознанија и планови, нејасно е зошто се предлага законот. Но, премиерот смета дека треба да се даде можност ресорот правда да ги образложи аргументите.

„Бидејќи Министерството за правда, коешто е надлежно за Управата за извршување санкции, сметаше дека ова треба да го образложи пред пратениците, нормално дека на министерот за правда му се дава таква можност, каде што потоа сите ќе можат да ги кажат аргументите коишто и јас ги кажувам“, рече премиерот.

Индивидуалната аргументација за темата стана предмет и на меѓупартиски критики. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕХристијан Мицкоски рече дека ако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не се согласува со законот за амнестија, има две опции: да ја напушти Владата, или да молчи и да прифати дека тие кои што се опфатени со законот се озлогласени криминалци кои што тргувале со недозволени супстанци, переле пари, вршеле изнуда или правеле насилство.

„Јас сакам да чујам ставови од Мицкоски за многу прашања. Но сѐ уште не можеме да чуеме ставови и не ми е чудно кога тој не може да разбере како некој политичар има став“, одговори Спасовски, кој минатата недела нагласи дека ниту е соодветен тајмингот за донесување на законот, ниту ќе има ефекти од него.

Затворските капацитети 2.113 лица, во моментов се целосно пополнети, на издржување казна затвор чекаат 2.200. Токму поради пренатрупаноста на затворите, опасноста од криминалната инфекција и тешки затворски депривации, во современата казнена политика се повеќе се придава значење на пробацијата и пробациските служби. Со Законот за пробација се предвидуваат алтернативни мерки кои можат да бидат изречени во кривичната постапка, меѓу кои условна осуда со заштитен надзор, условен отпуст од затвор, општокорисна работа и други. Целта на алтернативните мерки е да се заштити заедницата од криминал преку користење на помалку репресивни мерки кои ја подигнуваат општествената одговорност и го ресоцијализираат осуденикот.

Back to top button
Close