За Ахмети, Телма и Алфа биле непријатели на Албанците. ЗНМ најави реакција

Не е првпат политичари од високи позиции да етикетираат медиуми како непријатели

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната трибина во Гостивар, порача дека телевизиите Телма и Алфа биле „непријатели на Албанците“.

Говорејќи за судирот во редовите на партијата, каде што група партиски функционери предводени од поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро се спротиставува на неговите најблиски соработници, пред сè на вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Ахмети повика на единство и смирување на страстите.

„Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“рече Ахмети.

Ахмети со Груби во Гостивар, бара правда и порачува дека за корупција е виновен стравот од губење власт

Од Здружението на новинари (ЗНМ) најавија дека подоцна ќе имаат реакција за ваквото скандалозно етикетирање на медиумите од страна на првиот интегративец.

Не е првпат политичари од високи позиции да етикетираат медиуми како непријатели. Поранешниот премиер, сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, од партиски митинг во центарот на Скопје отворено ги повика „сите граѓани на РМ информациите што доаѓаат од А1 телевизија и од весниците ‘Време’, ‘Шпиц’ и ‘Коха е ре’ да ги земаат со сериозна резерва“. Членовите и поддржувачите на оваа партија потоа јавно ја нарекуваа А1 „торбешка телевизија“, а критички настроените медиуми и новинари ги жигосуваа како „соросоиди“. Хајката на Груевски резултира со згаснување на А1 телевизија и весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“.

Непријатели меѓу медиумите прогласуваше и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Во една негова изјава Заев рече дека за СДСМ поголем политички непријател се Сител, Канал 5, Алфа, МРТВ, отколку ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close