За Борко и оние кои веруваат во мојот здрав разум


Денко Малески

Ги пишувам овие редови за луѓе како Борко Зафировски кои, врз основа на она што сум го пишувал и зборувал изминативе децении, ако ништо друго, веруваат во мојот здрав разум. И како одговор на една мала полемика на фејсбук вчера, за која бев информиран, по објавувањето на текстот во „Либертас“: „Украина –катастрофалната грешка на нашиот сојуз на демократии“. Но, да кажам дел од мојата приказна. Интернетот е „чудо невидено“ : секој, како што направив јас, може да се приклучи на една трансатлантска дебата меѓу истражувачи на меѓународната политика од Америка и ширум Европа, од Норвешка до Шпанија. Прво што ќе забележи е дека учесниците на таа дебата се во огромно малцинство во политичките и интелектуалните кругови на своите држави. Нив често ги обвинуваат дека се некакви „љубители на Путин“иако тоа секако не се. Зошто ги нарекуваат тка? Затоа што мислат дека официјалниот наратив на нивните држави е невистинит и дека може да го турне светот во нуклеарна војна. Имено, официјалниот наратив на Западот секогаш почнува со „ со ништо неиспровоцираната“ агресија на Русија врз Украина. Дека е агресија која сите ја осудивме кога се случи во февруари 2022 е точно. Запрепастен од леснотијата со која Русија се закани со нуклеарна војна, мојот тогашен текст го насловив „Лудакот од Москва“. Значи, не сум „љубител на Путин“. Но, како што подоцна почнаа да се обелоденуваат фактите, сите разбравме дека ако агресијата е вистинит, делот „со ништо неиспровоцирана“ не е точен. Имено,вистината е дека војната во Украина е испровоцирана со серија погрешни потези на тогашната американска администрација: од рушењето на избраниот претседател Јанукович, преку „револуцијата Мајдан“, непочитувањето на договорите од Минск за правата на руското население во Донбас, инсталирањето на власта на Зеленски кој иако најавува мир, прави коалиција со ултранационалистите, потоа, противењето на САД и на Велика Британија да се постигне мир на преговорите во Истамбул само неколку месеци по руската инвазија, до најновите идеји на европските политичари за продолжување на војната „длабоко во територијата на Русија“ .
Сум пишувал веќе дека има две приказни кои не треба да ги мешаме: онаа на големите сили и онаа на останатите. Сум пишувал и за навалата на земјите на Источна Европа за свое место под безбедносниот чадор на Америка во НАТО на почетокот од деведесеттите и траумите на народите на Источна Европа од советското управување. За тоа дека Истокот тргна на Запад во потрага по безбедност и демократски систем на управување. Но, тоа беше во униполарниот момент кој траеше од некаде 1991 до 2014 и беше добар кон нашите народи на Источна Европа. Во анархичниот систем на држави, значи во отсуство на светска влада, сите тропавме на вратата на единствената голема сила во Вашингтон носејќи ги со себе своите проблеми за решавање. Зборувам, се разбира, и од македонското искуство. Бевме примани со почит кој се дава на идни сојузници иако, во процесот на меѓународното признавање на нашата држава, интересите меѓу Македонија и Америка, особено оној визави Грција, не секогаш ни се поклопуваа . Денес, јас сум среќен дека сме дел од сојузот на демократски држави и иако нереќен со состојбата на нашиот демократски систем со ништо не би го заменил за некаква автократија. Конечно, и самиот имам некаков удел во демократската трансформација на нашата држава.
Но,надворешната политика на нашиот сојуз на демократии не смее „да забега“ и да не доведе во судир со нуклеарните сили кои се автократски. Оти бомбите не разликуваат демократи од автократи Со автократиите како Русија и Кина мора да се преговара а крстоносната војна за нивна демократска трансформација преку интервенција нво нивните внатрешни работи, мора да запре и да се трансформира во еден трпелив дијалог до евентуална нивна еволуција во демократски општества од типот каков самите ќе изберат. И над се, преку дијалог кој ќе ги зема предвид безбедносните интереси на сите страни. Кога Русија го предупреди НАТО да не се приближува на нејзините граници со проширување во Украина, јас, како дел од реалистичката школа, значи, свесен за можните катастрофални последици, би застанал и би се замисли врз некое мирољубиво решение. Но, наместо тоа да се случи, една генерација американски и европски политичари кои не се плашат од војна, зашто веќе 80 години, живеат во мир и во „американската ера“ ,го сторија спротивното: го зголемија и стана повоинствени кон Русија што доведе до судир. Украина, во едно поинакво сценарио, можеше да стане неутрална, можеше да стане членка на ЕУ со одлични односи со Русија и со автономија за руското население во Донбас. Москва, на почетокот не сакаше војна. Но ароганцијата на Западната моќ не прифати дека другата држава има легитимни безбедносни интереси кои мораат да се адресираат, туку дека инсистираше на правната формулација дека секоја држава има право да го избира сојузот на кој сака да му припаѓа.
Така, таа можност за мир е пропуштена и трагичната реалност на една уништена земја во кој двете големи сили Америка и Русија водат прокси војна, е дека Украина ќе биде распарчена ако не и целосно уништена. Фактот дека денес барабаните на војната бијат од сите страни ни ја наметнуваат одговорноста да застанеме на страната на мирот. За жал, и повторувам – за жал, мир е можен само ако Украина го послуша советот на покојниот папа Френсис да истакне бело знаме во оваа нерамна битка. Во светлината на загубите, рече тој, тоа не е срамно. Зашто алтернативата е ужасна: патот на војната води кон натамошна деструкција на Украина и многу, многу нови жртви. Русија ги повтори своите три услови: нема членство во НАТО туку неутралност, признавање на територијалните освојувања на четрите области плус Крим и разоружување на Украина, но европските политичари ги игнорираат и сакаат да ја продолжат војната до победа. Победа која, според воените аналитичари, не е остварлива со силата која ја имаат европските држави. Не особено сега кога Трамп се повлекува од „Бајденовата“ војна. Ова дека ќе им продавал оружје на европските држави и на НАТО(?) да ги повратат загубените територии и да освојат и малку од руската (?), е само знак дека си ги мие рацете од војна која е загубена и дека нема да биде негова вина кога тоа ќе се случи. . Она што ги плаши европските сили е дека Америка, поточно Трамп, си ги мие рацете и од НАТО и дека , набргу, самите тие ќе се соочат со сериозни бебедносни проблеми. Од Русија која што ќе ги нападне? Не, од отсутвото на „помирителот“ Америка и нужноста самите да постигнат единство на толку различни интереси за толку важно прашање какво што е европската безбедност.

Back to top button
Close