За брошурите и реакциите на нив

Да ја промениме матрицата на вечна несигурност дека храброста за справување со минатото ќе го поткопа нашиот идентитет. Напротив, тоа само ќе го зајакне и ќе го ослободи од неоснованите стравови

Последната брошура на Бугарската академија на науките за македонскиот јазик („За официалния език на Република Северна Македония“) предизвика лавина од реакции во македонската јавност. Мојот текст, на извесен начин е предизвикан и од двете.

Најпрвин, накратко за споменатата брошура која, патем, не нуди ништо ново. Таа, всушност, со ништо не се разликува од бројните такви изданија во долгата историја на македонско-бугарскиот спор. Во неа по стоти пат се повторуваат исти работи кажани претходно од стотина други автори и со тоа таа се вбројува во низата примери на веќе видени изданија кои претендираат повторно и повторно да ja потврдат „единствената објективна вистина“. И сосема нормално, во отсуство на една похрабра и свежа идеја, неминовно таа се претвора во еден анахрон текст во кој доминираат исклучивите и етноцентрични разбирања и толкувања на лингвистичките и историските процеси. Несомнено, таа го претставува доминантниот академски, лингвистички и историски дискурс во Р Бугарија, (со сета почит кон бугарските либерални интелектуалци и нивните погледи и толкувања), што го прави уште поголемо разочарувањето во доминантното бугарско сфаќање и реторика за македонско-бугарскиот спор.

Термини како: вистина, нашата историја, историски факти се издвојуваат како клучни поими во толкувањето на историјата на Македонија, а воедно се темелат на застарени академски начела и теории карактеристични за периодот од 19 век до средината на 20 век. Токму со ваквиот концепт во оваа брошура може да се препознае позиција и политика кон Македонија дефинира во 60-тите години од минатиот век. Тоа, секако, го оневозможува дијалогот кој единствено може да доведе до решение, а не брошури за вечните историски вистини како ексклузивитет само на едната страна.

Трауми и нерационални стравови

Се разбира, рекациите на брошурата во Македонија не изостанаа. Основата цел на тие реакции е, секако, да се одбрани македонскиот идентитет, без притоа да се внимава дали навистина се постигнува саканата цел. Всушност, ваквиот пристап само го обновува чувството за загрозеност на македонскиот идентитет преку потенцирање на тезата дека соседите ја делат македонската историја, а Македонците повторно се поставени во позиција да размислуваат дека некој ќе им го „одземе“ најсветото нешто и ќе ги направи нешто што не се. Ваквиот пристап, исто така, на сегашните генерации им ја замаглува реалноста и стварноста и не им дозволува да се погледнат себе си самоуверено, без страв дека некој однадвор може да им го одземе она што нив ги прави Македонци. Притоа занемарен е фактот дека веќе 75 години постои македонска држава со сите нејзини атрибути и институции важни токму за идентитетските обележја.

Се заборава дека идентитетот не се потпира исклучиво на толкувањето на далечното минато, туку и на сегашноста и на тоа што секојдневно, како народ и институционално, создаваме култура, јазик, вредности, традиции… Се заборава дека идентитетот не лежи само во минатото, туку е нешто што се гради и негува секој ден, затоа што тој не е биолошка категорија со која се раѓаме. Ваквиот пристап само ги држи живи во менталниот склоп на Македонецот траумите и нерационалните стравови за губење на идентитетот.

„Вечната битка“ со соседите

Во таа смисла продолжувањето на креирање на историски претстави за нас самите и за нашето минато, само врз база на „вечната битка“ со нашите соседи за настани и личности од минатото, не значи ништо друго освен одржување на старите парадигми. Искуството покажува дека тоа на некаков начин функционирало, функционира и, можеби, ќе функционира и понатаму, но последиците од ваквиот пристап се крајно погубни. Наша одговорност е да најдеме пат кој ќе ни овозможи сами да ја создадеме таа претстава, почитувајќи ги современите историографски и теоретски достигнувања, како и научниот морал и етика и општествената одговорност. Не треба македонската историографија да зависи и да пишува мотивирана од она што е напишано или кажано во соседството, вечно бранејќи го идентитетот на македонската нација. Таа треба сама да постави прашања за минатото кои се проблематични и кои претставуваат „бели петна“, односно да поставува и филозофски и психолошки прашања. Тоа значи да ја промениме менталната дефанзивна матрица по која најважно е што другите напишале за нас и како да се одбраниме, без притоа и да помислиме дали мора да дејствуваме на тој начин.

Наша главна обврска како историчари и граѓани е да изградиме односи кои ќе носат одговорност за историчарите, што ќе овозможи да дадат придонес за општеството. Нашата сопствена одговорност треба да направи нашата историографија да функционира на начин што ќе создаде услови младите да не размислуваат инфериорно, површно и националистички. Треба да ја промениме матрицата на вечна несигурност дека отвореноста и храброста за справување со минатото ќе го поткопа нашиот идентитет. Напротив, тоа само ќе го зајакне и ќе го ослободи од наталожените неосновани стравови. Многу поважно е да покажеме дека сме способни да создаваме нови перспективи и да поставуваме суштински прашања за нашето минато, отколку да ги обновуваме старите и да копаме нови ровови.

Професор д-р Драги Ѓоргиев е директор на Институтот за национална историја и претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close