За да не дојде до уставна криза, Собранието ќе ги избира членовите на Уставен „на рати“
За да се спречи уставна криза, денеска на дневен ред на пленарната седница во Собранието е избор на двајца уставни судии. Станува збор за апелацискиот судија Фатмир Скендер и правничката Татјана Васиќ-Бозаџиева, кои како предлози се пристигнати до претседателот на парламентот Талат Џафери од страна на претседателката на Комисијата за изборите и именувањата Марија Георгиевска од СДСМ.
Оваа Комисија треба да предложи вкупно три имиња, а седницата на која се расправа за утврдување на предлозите не е завршена со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ со повеќечасовни говори и процедурални забелешки спречува републичкиот обвинител Љубомир Јовески да биде утврден како трет предлог за уставен судија.
Пратеничката Георгиевска, која е на чело на собраниската комисија, во дописот до Џафери наведува дека го испраќа предлогот за само двајца со цел да се спречи уставна криза со оглед дека Уставниот суд во моментов функционира со само пет од вкупно девет судии, а на 7 декември истекува мандатот на уште еден од петтемина други, што би значело дека овој суд со само четворица судии нема да има мнозинство и воопшто да одржува седница, а уште помалку да одлучува.
„Имајќи го предвид постојниот состав на Уставниот суд, од девет судии во моментов има пет судии, што може да го доведе во прашање остварувањето на неговите надлежности, потребно е утврдените предлози за избор на судии на Уставниот суд на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да бидат разгледани и од Собранието на Република Северна Македонија;
Расправата во Комисијата за утврдување на третиот предлог за судија на Уставниот суд за која има пријавено пратеници за дискусија е во тек и ќе продолжи понатаму, но не треба да претставува причина за нефункционалноста на Уставниот суд. Ова дотолку повеќе што и Комисијата и Собранието за секој предлог одлучуваат посебно“,
пишува во дописот на Георгиевска до Џафери.Дека државата се наоѓа пред уставна криза пред десетина дена предупреди и претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска која за состојбите алармираше преку писмо до Собранието, но и до Судскиот совет.До Судскиот совет таа се обрати со оглед дека на местото на судијката Вангелина Маркудова, чиј мандат истекува на 7 декември 2022 година, треба да дојде судија по предлог на Судскиот совет од редот на судиите.
„Без да навлегувам во надлежностите и начинот на работа на Судскиот совет, сакам да укажам на потребата од навремено утврдување предлог за избор на нов судија. Во прилог на ова е и сегашната состојба во Судот којшто работи на граница на кворум поради неизбирањето на останатите четворица судии од страна на Собранието, на што се чека веќе 17 месеци. Следствено на ова, доколку со истекот на мандатот на судијата Маркудова, продолжи алармантната состојба во Уставниот суд, државата ќе се најде во уставна криза. Како последица на тоа, ќе нема услови за одржување на седници и Судот ќе биде оневозможен да врши контрола на законите и прописите и да ги штити правата и слободите на граѓаните – напиша Кацарска во писмото адресирано до претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Предлог од Судскиот совет, пак, се очекува да биде даден на седница на почетокот на ноември, а потоа предлогот ќе треба да биде изгласан и на пленарна седница во Собранието.