За да се казнува за цензура, таа треба да се дефинира и препознае

Какви новини за медиумската заедница носи нацртот на новиот Кривичен законик? Вниманието доминантно натежна на одредбите за повреда на слободата на мислење и изразување, каде со новиот член 193 се предлага затворска казна за цензура.

„Тој што ќе нареди или спроведува цензура или на новинар противправно ќе му ја одземе или ограничи  слободата на известување,  ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, се вели во ставот 3.

Иста казни му се заканува и на тој што противправно ќе спречи печатење, продажба или дистрибуција на книги, списанија, новини, печатени работи, производство и емитирање на радио и телевизиски програми, програми на новински агенции и други медиумски содржини.

Во првиот став од предложениот член, се вели дека со затвор од три месеци до три години ќе се казни „тој што на друг ќе му одземе или ограничи некое право поради изразување на личен став, мислење или определба, освен ако се исполнети законските обележја на некое друго кривично дело“.

Потреба од применливи одредби

Од еснафските организации со внимание ги анализираат предложените новини. Новинарите би требало да бидат задоволни од ваквите измени, но без изградена соодветна судска пракса и без дефиниција за цензура, сето тоа би можело да се претвори во слободно толкување на судиите, предупредуваат од ЗНМ.

„Иницијативата на Министерството за правда за операционализирање на уставната одредба дека цензурата е забранета во Кривичниот закон е за поздравување, но сепак постојат ризици кои треба да се земат предвид, како во прецизно дефинирање во одредбите така и во судската пракса која ќе следи“, вели Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

„За предлагачот на овој закон важно е да знае дека Македонија нема докажан судски капацитет кога станува збор за  заштита на правата на новинарите,  ниту пак на начелото на слободата на изразување. Аргумент кој ја поткрепува оваа квалификација се четири загубени пресуди за последните пет години на Македонија пред Судот за човекови права во Стразбур за прекршување на член 10, кој се однесува токму на основното човеково право за слобода на изразување. Ова значи дека националните судови во најмалку четири случаи во последните пет години не само што не ја виделе цензурата во своето постапување, туку и ја дозволиле на штета на новинарите и граѓаните“, вели Секуловски.

Од ЗНМ ја очекуваат најавената јавна дебата во однос на овој предлог, и сметаат дека на Здружението треба да се гледа како конструктивен партнер кој може да помогне во правилно дефинирање на овие одредби, кои ќе бидат применливи во нашиот локален контекст.

„Во процесот кој ќе следи, многу важно е да се земе предвид дека слободата на изразување не е апсолутно право и истото може да се ограничи кога се злоупотребува, односно кога преку злоупотребата се повредува друго човеково право. Но ограничувањето мора да е во согласност со препораките на Советот на Европа“, потенцира Секуловски.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Новиот Кривичен законик „заглавен“ во Собранието

Блокирани предлози

Казната за цензура не е единствената новина. Со новиот член 502 (претходен член 382) кој го санкционира загрозувањето на сигурноста и спречувањето на службено лице во вршење на службено дејствие, покрај службени лица, адвокати, лекари и здравствени работници, за првпат вметнати се и новинарите и медиумските работници. Сега за овие дела против новинарите Обвинителството ќе треба да постапува по службена должност.

Но, ова е само еден сегмент од она што значи системски подобрувања поврзани со  безбедноста на новинарите.  Заради сеопфатност на тоа прашање, во јули 2021 биле предложени измени и дополнувања на КЗ, но повеќе од една година тие без причина се блокирани во собраниска постапка.

„Разочарува фактот што можноста да се подобрат правата на новинарите е оставена на милоста на пратениците, кои очигледно немаат интерес за овие прашања иако истите се нотирани секоја година во извештаите од кредибилни меѓународни организации“, укажува Секуловски.

„Овие измени беа работени во рамки на Министерството за правда повеќе од две години и крајното решение ги задоволува барањата на еснафските организации зата што гарантираат активно гонење на оние кои ја загрозуваат безбедноста на новинарите, како и поголеми затворски казни за престапниците. Потребно е пратениците да разберат дека со усвојувањето на овие измени ќе се демотивираат идните напаѓачи да посегнат кон безбедноста на новинарите. Ова значи дека секој иден напад на новинар ќе биде на одговорност на пратениците, токму поради фактот што не овозможуваат правна средина во која медиумските работници уживаат заштита“, посочува извршниот директор на ЗНМ.

Засега е неизвесно каква ќе биде судбината на тие предлози.

Нацртот на новиот КЗ е резултат на ревизија на актуелниот Кривичен законик, заради потреба од усогласување на неговите одредби со меѓународните стандарди во одредени области, со праксата на Европскиот суд за човекови права и за отстранување на лоцираните недостатоци, со цел за квалитетно и ефикасно уредување на казненото материјално право.

извор: ДВ

Back to top button
Close