За да заштеди 14 илјади евра, Кацарска не отиде на Бали

Поради економската криза во земјава, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска го откажа патувањето на делегацијата на Судот во Бали каде што од 4 до 7 октомври се одржува Светската конференција за уставна правда. Наместо во Бали, Кацарска ќе ја следи конференцијата преку онлајн врска.

„Со оглед на економската ситуација во Република Северна Македонија и мерките за штедење кои ги спроведува Судот, претседателката Добрила Кацарска одлучи во оваа пригода да не патува делегација на Уставниот суд поради трошоците кои изнесуваат околу 14 илјади евра и присуството на Конгресот во Бали се замени со онлајн учество“ соопштија денеска од Уставниот суд.

Во соопштението од Уставниот суд се посочуваат дека Светската конференција за уставна правда обединува 119 уставни судови и совети и врховни судови во Африка, Америка, Азија, Австралија/Океанија и Европа, а има за цел да ја промовира уставната правда како уставна ревизија, вклучувајќи ја и судската пракса за човекови права – како клучен елемент за демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото.

 

Back to top button
Close