За детската порнографија, претреси се прават и кај претседател на здружение и водител на емисија

Еден од претресите што од утрово се спроведуваат поради сомнежи за кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“ се врши кај претседател и ко-основач на бугарско здружение во државава, со седиште во Струмица, дознава „Скопје1“.

Според информации од извори на „Скопје1“, сомневањата на полицијата, врз основа на кои обвинител издал налог, а судот го одобрил претресот, биле поткрепени со докази собирани подолг временски период преку оперативни обработки.

Осомниченото лице, како што се наведува, воедно е и водител на емисија која во изминатите три месеци се емитува во јавноста, со студио лоцирано во Скопје. Истото лице се поврзува со Виктор Стојанов од т.н. „Фондација Македонија“, кој е осомничен во друг случај. Поврзувањето е откако, уште од стартот на емисијата, Фејсбук страницата на фондацијата на Стојанов ги повикала следачите да се претплатат на каналот, најавувајќи дека содржината ќе има за цел „објективно претставување на политичката ситуација, со гости од Бугарија, Северна Македонија и регионот“, додавајќи „Плурализацијата на медиумите е во тек“. Во првата емисија, која е јавно достапна, веднаш била испратена и порака за внесување на Бугарите во Уставот.

Претресите, освен во Струмица каде што и е регистрирано здружението, се спроведуваат и во Битола и Охрид. Во рамки на акцијата се одземени повеќе уреди, меѓу кои телефони, лаптопи и мемориски уреди, кои ќе бидат предмет на понатамошна анализа.

Од Обвинителството и од МВР засега нема официјални информации за случајот, иако од двете институции се побарани детали. објави Скопје1.мк

Back to top button
Close