За два часа и 19 минути охриѓанец истрча од Попова Шапка до Титов Врв и назад

– Дејан Ангелоски од Охрид за два часа 19 минути и 36 секунди успеа да истрча од Попова Шапка до Титов Врв и назад и да биде победник на вчерашната трка во скајранинг – екстремна форма на планинско трчање.  Второ место го освои Александар Кирковски од Скопје со време од два часа 40 минути и 45 секунди, а третиот Никола Илиевски со време од 2:44:20. Првакот Ангеловски со овој резултат го сруши сопствениот рекорд од 2020 кој изнесуваше два часа и 39 минути.

Во женска конкуренција победи Елена Ртоска од Прилеп со време од три  часа 6 минути и 51 секунда, што, исто така претставува рекорд.  Сања Најдовски со три часа 25 минути беше втора, додека Снежана Џуриќ со три часа 33 минути и 47 секунди трета. Ртоска во 2020 го имала рекордот од три часа и 43 минути

Планинарскиот клуб „Македон“ од Скопје и Федерацијата на планинарски спортови беа организатори на оваа трета по ред трка за скајранинг – екстремна форма на планинско трчање.

Трката почна на Попова Шапка кај манастирскиот комплекс на 1750 метри надморска височина преку Церипашина, до врвот Антени 2500 метри, врвот Бакардан и на крај Титов Врв.

-Карактеристика на патеката се 20 километри должина вкупно во два правца и 2000 метри денивелација искачување и спуштање.  Не мора да се трча цело време, дури и првите не трчаат цело време.  Пример Церипашина е многу стрмен успон и мора да се премине на брзо одење. Но времињата кои се постигнуваат се прилично сериозни и импресивно во планинарските кругови. Во летни услови на еден просечно подготвен планинар до Титов Врв му требаат и да отиде и да се врати околу 9 часа, велат од ПК „Македон“.

Учесниците на ваква трка треба да имаат големо планинарско искуство, специјална опрема со себе како што е јакна против ветер, фолија за заштита од студ, соодветна количина течности, храна и друго.

– Попатно има две освежителни точки една е на Антени на 2500 мнв, а втората е под Титов Врв. Таму секој натпреварувач има на располагање по половина литар течност и грицки, додека останатото сам го носи. На Титов Врв има контролор кој го регистрира нивното доаѓање и се враќаат назад и финишираат кај манастирскиот комплекс. Самото стартно бројче има чип се времето и се отчитува на финишот, објаснуваат од планинарскиот комплекс „Македон“.

Во соработка со Федерацијата на планинарски спортови, која е полноправен член на Светската скајранинг федерација, оваа трка претставуваше и државно првенство на С Македонија во скајранинг за 2021 година. Во 2019 година македонска репрезентација во скајранинг првпат настапи на европско првенство во Италија, а оваа година целта е настап на светското првенство кое ќе се одржи во месец јули на Пиринеите во Шпанија.

Back to top button
Close