За еден ден вакцинирани вкупно 14 763 граѓани
Во текот на вчерашниот ден во земјава се вакцинирале вкупно 14 763 граѓани, од нив прва доза на вакцина против ковид примиле 2 057 лица.
Според податоците на Министерството за здравство, досега прва доза на вакцина против ковид примиле 236 878 граѓани, а ревакцинирани се 94 156 граѓани.
„Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку vakcinacija.mk е 433 787 граѓани“, велат од Министерството за здравство.
Во државата вкупно се аплицирани 331 034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94 156 граѓани. Со последните бројки, 47% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во „А1 арената“ во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.