За еден месец цените пораснале за 4,2 отсто, најмногу поскапеле кафето, месото и овошјето
Споредено со февруари минатата година, најголем скок од 19,1 отсто има кај цените на кафето, чајот и какаото, а цените на безалкохолните пијалаци, минералната вода и сокови од овошје и зеленчук пораснале за 15,8 проценти

Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска соопшти дека трошоците за живот минатиот месец во однос на истиот месец лани бележат зголемување од 5 отсто, а цените на мало од 4,2 отсто.
Во однос на јануари, трошоците за живот во февруари биле поголеми за 0,5 отсто, а кај цените на мало има намалување за 0,6 отсто.
Како што информираат од ДЗС, зголемување на цените споредено со јануари има речиси кај сите производи и услуги.
Храната и безалкохолните пијалаци минатиот месец биле поскапи за 1,4 отсто, а поскапеле и алкохолните пијалаци и тутунот и тоа за 0,8 проценти.
Од храната најголемо поскапување од 2,4 отсто имало кај месото, по него е овошјето кое било поскапо за 2,1 отсто, а потоа се шеќерот, џемот, медот, чоколадите и кондиторските производи кај кои зголемувањето е за 1,8 отсто. Млекото, сирењето и јајцата биле со цени повисоки за 1,6 отсто.
Според извештајот на ДЗС, во оваа група, најголемо поскапување во февруари во однос на јануари имало кај кафето, чајот и какаото и тоа за 3,7 отсто.
За мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата во февруари се плаќало 0,6 отсто повеќе отколку во јануари, а за исто толкав процент цените биле повисоки и во рестораните и хотелите.
За домување, вода, електрика, гас и други горива во февруари се плаќало повеќе за 0,5 проценти, за здравје за 0,2 и кај комуникациите поскапувањето било за 0,1 процент.
Намалување на трошоците за живот во јануари имало кај транспортот за три отсто, рекреација и култура за 0,2 и за 0,3 отсто кај облеката и обувките.
Трошоците на животот за образование во февруари останале на исто ниво како и во претходниот месец.
Споредено, пак, со февруари минатата година, најголем скок од 19,1 отсто има кај цените на кафето, чајот и какаото, а цените на безалкохолните пијалаци, минералната вода и сокови од овошје и зеленчук пораснале за 15,8 проценти.
Цената на маслото за една година бележи пораст од 13,1 отсто. Зеленчукот, овој февруари во споредба со тој во 2024 година, е поскап за 8,7 отсто, а овошјето за 4,5 проценти.
Според податоците од ДЗС, цената на основните производи како млекото, сирењето и јајцата за една година пораснала за 8,1 отсто, а на месото за 6,5 проценти.