Во само една недела 13 прекршувања на уредбите и протоколите при транспорт на работници во Штип, Кавадарци и Скопје

Транспортниот инспекторат од 10 до 16 јуни, при 274 надзори, забележал 13 прекршувања на уредбите и протоколите, од кои три кај посебен меѓуопштински линиски превоз кој се врши за вработени во правни лица во Општина Штип и уште по едно прекршување кај посебен меѓуопштински линиски превоз за вработените во правни лица во Кавадарци и во Скопје. Имало и осум прекршувања кои се однесуваат на превоз без дозвола за меѓународен линиски превоз.

Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска денеска соопшти дека шесте инспекторати од 10 до 16 јуни реализирале 6.188 вонредни инспекциски надзори, во врска со сите усвоени акти на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Државниот пазарен инспекторат спровел 4.862 контроли, од кои 4.062 се инспекции со поддршка на финансиска полиција или со припадници на полицијата и се поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна.

Девет прекршувања на протоколите се констатирани во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензиски станици, банки, пошти и обложувалници. Од нив седум се однесуваат на протоколот за отворање и работа на кафатерии и угостителски објекти и тоа четири во Скопје, по еден во Битола, Струга и Тетово, и два прекршока на протоколи во обложувалници во Тетово и Гостивар за што се предложени и соодветни кривични и прекршочни санкции.

Констатирани се шест прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, пришто е укажано на правните лица и веднаш постапено.

-Во однос на првите недели, се гледа особен напредок во почитување на протоколите од страна на правните лица, но и поголема свест на граѓаните и тоа со задоволство го поздравувам. Апелирам да се продолжи во насока на целосно почитување на протоколите, пред и се во насока на заштитата на јавното здравје, рече на прес-конференција Филиповска Грашкоска.

Државниот инспекторат за труд, пак, реализираал 670 контроли кај работодавачи, во капацитети со над 12.000 лица. Донел 25 решенија и 25 укажувања на работодавачите за носење заштитни маски, заштитни ракавици, користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените од ризичните групи и да се придржуваат кон препораките на Владата во борбата против корона вирусот.

Постапувајќи по препораката за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни, Трудовиот инспекторат констатирал дека најголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19. При контролите е утврдено дека работодавачите согласно препораките од работните задачи имаат ослободено над 130 лица по основ на грижа за деца под 10 години,околу 50 лица по основ на хронична болест и 95 бремени жени.

Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од овие седум дена спровела 196 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. Издала еден платен налог поради непостапување по претходно издадено решение, како и 22 казнени мерки едукации поради тоа што не се воспоставени и имплементирани процедури за добра хигиенска пракса, лоша општа хигиена во објектите и за нередовно водење на записи за дезинфекција и следење на температура во разладни уреди. Инспекторите од АХВ, како што наведе Филиповска Грашкоска, утврдиле дека Општата хигиена во објектите, личната хигиена на вработените е добра и се почитуваат мерките за спречување на ширење на вирусот.

Како што соопшти Филиповска-Грашкоска, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, покрај активностите поврзани со издавање решенија за здравствен надзор и домашна изолација на лица кои биле во контакт со позитинен на КОВИД-19 и решенија за лекување и изолација на позитивни лица, спровел 131 надзори во субјекти за почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти, како и самото постапување со инфицирани и суспектни пациенти. Издадени се и 71 дозвола на транспортери професионални возачи, како и 474 решенија за лица кои го напуштиле државниот карантин (со негативен PCR тест) и се упатени во домашна изолација, со што се драстично се олеснува периодот на изолација на граѓаните. Не се констатирани специфични отстапувања при 55. контроли што ги спрвела Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

Претседателката на Инспекцискиот совет го повтори апелот да се почитуваат донесените уредби, одлуки, протоколи и мерки, најавувајќи дека инспекциските служби ќе бидат на терен постојано, секаде низ земјата и ќе го следат правилното почитување на сите акти што ги носи Владата.

Таа упати апел хотелиерите да пристапат кон правилна примена на сите мерки од протоколот за работа што треба да стапи во сила в понеделник (22 јуни), но и за сите други протоколи кои се однесуваат на работните места или организација на конференции, состаноци и други видови на обуки.

– Сите протоколи се значајни, пред сè, за заштита на јавното здравје, заштита на гостите и посетителите на хотелите и заштита на персоналот кој работи во хотелите, порача Филиповска Грашкоска. лв/дма/

Почитувани граѓани,

Донесените уредби, одлуки, протоколи и мерки треба и мора да се почитуваат. Не радува покачената самосвест кај граѓаните и кај сите правни субјекти и се надевам дека ова се повеќе ќе биде случај.

Едноставно, ние мора да се научиме да живееме со овој вирус, а протоколите се направени за да се минимизира ширењето на Ковид 19 и на тој начин да се заштитат човечки животи.

Сепак, повторно ќе подвлечам, дека инспекциските служби ќе бидат на терен постојано, секаде низ земјата и ќе го следат правилното почитување на сите акти кои Владата ги носи.

Животот мора да продолжи, бизнисите мора да работат, сепак мора да се почитуваат и правилата за однесување, затоа што здравјето на граѓаните е на прво место, пред било каков или било чив профит.

Back to top button
Close