За една недела отстранети 227 непрописно паркирани возила во Скопје

 Со специјалните возила „пајак“ од 6 август до вчера се отстранети вкупно 227 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила 18 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 209 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Како што информира денеска Град Скопје, контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 279 возила поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 18 возила се отстранети со „пајак“ службата поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Град Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање на време да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се вели во соопштението од Град Скопје.

Back to top button
Close