За една недела со „пајак“ подигнати 154 непрописно паркирани возила
– Минатата недела, од 3-ти до 9 септември „пајак“ службата отстранила 154 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 24 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 130 по налог на сообраќајната полиција поради паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.
Како што информира Град Скопје, контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 261 возило поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 24 возила се отстранети поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.
Град Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.
-Апелираме сите корисници на услугите за паркирање навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, наведува Град Скопје.