За Ендру Тејт и загрoзените машки видови

Феноменот Ендру Тејт не треба да ни претставува никакво изненадување, зашто тлото за подемот на една толку токсична, но привлечна, медиумска персона беше веќе убаво оплодено од квази интелектуални Јутуб ликови исплашени од таканаречената woke култура и женското омоќување, на чело со Џордан Питерсон.

Но да почнам од почеток.

Порастот на антипрогресивните наративи (anti-woke)

Уште пред три години пишував за опасноста на дискурсот кој почна да се развива после #metoo движењето и сè повеќе се интензивира овие неколку години, во некаков вид на анти женско движење. Почнувајќи од наративи за зачувување на традиционалните вредности, па сè до екстремно изразената трансфобија, за секоја придобивка што жените ја добиле преку долгогодишната борба за еднакви права, се појавува контра одговор проследен со осуда и параноја. Секој чекор надвор од традиционалните општествени норми е дочекан со паника и е ставен на листата на причини кои ќе доведат до крај на светот.

После #metoo движењето, а особено за време на пандемијата, овој дискурс за машко омоќување против наметнатата демаскулинизација станува секојдневие. Така што, секоја личност што не е стрејт маж, а покажува некаква моќ, слобода на изразување, автентичност и успех, се перцепира како закана за традиционалната машкост. Ова е посебно изразено кога се работи за жени, а најнагласено е кога има перцепиран дисбаланс во хетеросексуални врски. Примери има многу, но јас би ги спомнала: Вил Смит и принцот Хари кои се обвинети за тоа дека се слаби мажи манипулирани од своите жени, но да не го заборавиме и случајот со Џони Деп и Амбер Хeрд каде што целиот свет се зафати со работата да го спасува Џони од неговата манипулативна жена.

Во меѓувреме, се појавуваат паралелни случувања во медиумите, по интернет форумите и социјалните мрежи, кои само додаваат на овој доминантен наратив на напаѓање на жените и заканата која ја носи феминистичкото движење. Тие се движат од реакции за зголемената репрезентација во филмовите, неретко доживеано и како одземање на праведното место на доминантниот алфа маж од централната позиција, па сè до порастот на бројот на машки подкасти кои се занимаваат со оваа тема. Овие трендови не само што отворено се борат против женското ослободување, но заземаат толкав замав, што сè поголем број жени не сакаат да бидат наречени феминистки, сметајќи дека тоа е нешто екстремно и срамно, што подразбира мразење на мажи и е на штета на жените.

Па така, наместо саморефлексија, преиспитување на своето однесување, емоционално созревање, разбирање на сопствената привилегија и застанување на страната на послабите, се отворија нови токсични улоги за мажите, преку кои може да се добие привид дека станува збор за „работа на себе“, но во суштина старата улога само добила друг облик. Таков феномен е сигма грајндсет културата која стана екстремно прифатена кај машката популација последните неколку години.

 

Интернет персоната Сигма мажјак

Сигма мажјак како противтежа на чад-алфа и саб-бета мажјаци претствува социокултурен интернет идентитет кој стана особено тренди во 2021/2 година и се карактеризира со индивидуалност, изразена машкост, отфрлање на социјален притисок (која иронија кога зборуваме за тренд), самодисциплина, насоченост кон успех, чести посети на теретана (како грижа за себе) и социјална повлеченост. Разликата од алфа е што овие мажи не се заинтересирани да имаат моќ над другите, но тоа доаѓа со „самечкиот“ живот кој го одбрале и неконформирањето на воспоставените правила. Дефиницијата доаѓа уште од 2010 и е смислена од крајно десничарски активист, но со текот на времето се има здобиено и со нови карактеристики. На интеренет најчесто ќе го сретнете овој идентитет покажан преку фиктивниот лик на Кристијан Бејл – Патрик Бејтман од филмот „Американски психо“, но исто се споменуваат ликови како ликот на Лео ди Каприо во улогата на Џордан Белфорд од „Волкот од Волстрит“, Киану Ривс како Џон Вик, Рајан Гослинг од „Драјв“, а понекогаш и Бред Пит како Тајлер Д’рден од „Боречки клуб“.

Односот кон жените на сигма мажјакот е омаловажувачки. Во најдобар случај на жените се гледа како на пречка на патот до успехот, а присутен е забележителен презир кон женскиот род.

Како последица на ова се развива една супер изолирана, но сеприсутна супкултура на индивидуални мажјаци кои (секој засебно) работат кон иста цел: „да се подобрат“ и ја надоградат својата машкост со постојана психичка и физичка дисциплина и хипернасоченост кон успех. Најчесто на овие луѓе идол им е Eлон Маск и сличните на него, зашто интимниот мотив е вербата дека ако продолжат така, еден ден и тие ќе станат, во најмала рака, милионери. Таа култура се нарекува „грајнд“ или „хасл“ култура за која и немаме соодветен превод, а како синоним се користи и „крипто браќа“ заради последниот тренд со крипто валути како лесен начин да се стигне до богатство, но и поради застапеноста на голем број мажи од технолошкиот свет во оваа сфера.

 

„Топ Џи“ како отелотворување на мажосферата

Веќе станува јасно каде во сето ова влегува Енрју Тејт, нели? Тој е човек кој ги чекира сите карактеристики во листата на сигма идентитетот, на пример, не бил класно привилигиран, а успеал да стане милионер. Неговите говори се исполнети со мотивациски приказни за тоа како со работа, труд, не подлегнување на искушенија и издржување на тешкотии, може да се постигне успех. Но тој истовремено дава крајно мизогини совети поврзани со тоа како треба да се третираат жените, а целиот свој бизнис го гради врз женски грб, преку девојки кои ги измамил дека им е дечко, ги довел во друга држава, а потоа ги експлоатира во вебкам онлајн бизнис.

Одеднаш сите тие фиктивни приказни за сигма личности го наоѓаат своето реално отелотворување и тој станува неизбежна инспирација за многу мажи, кои веќе работат на остварување на тој идентитет. За жал, никој не се запрашува како Тејт навистина стигнал до тие пари и каков е неговиот бизнис. Одреден број од неговите следбеници не можат да прифатат дека овој човек направил нешто лошо. Иако Тејт е познат во тие групи веќе со години, неговото „деплатформирање“ се случи дури во август 2022 кога беше баниран од ТикТок, Јутуб, Фејсбук, Твитер и Инстаграм поради неговото лошо влијание на младата популација. За жал или за среќа, кога Елон Маск го купи Твитер му дозволи да се врати на платформата. Велам за среќа, зашто токму тоа и доведе до неговото апсење. За тие кои не се запознати со таа разврска, Ендру Тејт, можеби од досада или барајќи начин повторно да се најде во јавниот фокус, пиша еден твит, обраќајќи и се на Грета Тумберг, фалејќи се колку возила поседува со кои прави јаглеродни емисии, на што таа му одговори со досетлива шега изложувајќи ја пред светот неговата слабост и патетичност.

Овој твит стана толку вирален што е најсподелуваниот твит воопшто и предизвика Тејт да сними видео преку кое се обидува да ја омаловажи Грета. Снимен со црвен пењоар и пура во фотеља тој нарачува пици и изрично напоменува пакувањата да не се рециклираат. Токму ова видео и брендот на пиците ѝ дадоа до знаење на романската полицјата дека Тејт е во Романија, по што беше уапсен во неговиот дом под обвинение за трговија со бело робје.

После апсењето излегоа аудио снимки каде што Тејт разговара со некоја девојка на која кажува како тој уживал и се палел на тоа колку таа мразела кога тој ја тепал додека имал секс со неа. Дополнително, на површина излегоа видеа кајшто тој бесрамно споделува како ги мами девојките дека им е дечко, ги носи во друга држава и ги принудува на работа со веб камери. Кажува и како ги лаже, кажувајќи им дека дел од заработката оди во даноци кои не постојат и нагласува дека девојките се глупави и не разбираат како функционираат даноците. Во истите видеа кажува дека девојките не можат да излезат од дома, со што всушност признава дека ги принудува.

 

Мажосферата по апсењето на Тејт

Сето ова на страна, после неговото апсење и покрај сите овие очигледни прекршоци на човековите права, голем број од неговите следбеници ја продолжуваат неговата работа, се борат за негово ослободување и протестираат низ различни места на светот. Нивното објаснување, како и она на самиот Тејт, е дека тие излегле од „Матриксот“ и некои замислени „агенти“ сакаат да ги замолчат, бидејќи тие ја дознале вистината.

Сепак, во никој случај не е чудно, речиси, милитантното групирање на сигма мажјаците во одбрана на интернет персоната која им дала надеж дека можат да го „хакнат“ системот. Ниту е чудно што тие не сакаат да прифатат дека тој е во суштина лоша личност која само ги експлоатира. Поддржувачите на Тејт неговото апсење го доживуваат како војска на која ѝ е одземен генералот, токму од оние сили против кои заедно се борат. Нивниот замислен „Матрикс“ се обидува да го намести нивниот Че и да ја поткопа „револуцијата“.

 

 

Дали сме спремни за нови Тејтовци?

На крај останува прашањето како можеме да го заштитиме општеството од овие непредвидливи, екстремни појави кои создаваат опасна тензија во односите меѓу различни општествени групи со долготрајни последици?

Јас го немам одговорот и не гледам никаков лесен фикс кој може да ја подобри ситуцијата. Обидите да го соочам некој Тејт (топ џи) фан со реалноста на неговата илузија секогаш наидувало на отпор и недоразбирање или тотално негирање на сите факти поврзани со обвинувањата поради кои е уапсен, а поради кои претходно беше тргнат од сите онлајн платформи. За нив тоа е само заговор против вистината и „одмазда на матриксот“ (односно оние кои владеат со мејнстрим културата), што дури и му дава една посебна улога на маченик. Така што, останува да се надеваме дека со тек на време и ова ќе помине како секој друг интернет тренд.

Сепак, она што најмногу ме загрижува е дека “red pill” движењето нема да запре и растот на мажосферата нема да биде стопиран со апсењето на Тејт. Ваквите мизогини движења кои наводно се реакција на ослабената улога на мажите во општеството, предизвикани од фeминистичкото и ЛГБТИ движењето, се всушност само конзервативни крикови за зацврстувањето на „традиционалната“ моќ на привилегираните бели мажи, патријархалната хиерархија и перипетуирање на општествените неправди. Нивната реакција е анти „woke“, односно анти сите движења за социјална правда и еднаквост, претставувајќи ги истите како нешто што сака да доминира, да ги потчини мажите и да ги „обезмажи“.

Иако е очигледно дека самиот Тејт нема никаква поврзаност со традиционалната улога на мажот (како хранител, заштитник и семеен човек) неговите следбеници во него гледаат нешто што се спротивставува на „наметнатите“ прогресивни движења кои наводно им ја земаат моќта на мажите, мотиватор кој подучува како да се стане силен, здрав, а пред сѐ богат и успешен. Така што, се соочуваме со ситуација каде голем број мажи кои се декларираат против мизогинија и насилство врз жените, сметаат дека 90% од тоа што Тејт го кажува е точно и правилно. Ваквиот став е уште поопасен зашто се дозволува релативизирање на неговата екстремна мизогинија и се нормализира постоењето и размножувањето на негови нови инкарнации.

Билјана Кочоска

извор: Медуза

Back to top button
Close