За ЕУ и ЕИБ актуелниот проект за пругата кон Бугарија е најрационалното и најисплатливо решение
Во Делегацијата на Европската Унија во Скопје сметаат дека постоечкиот проект за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија (Крива Паланка – Деве Баир) е најрационалното можно решение и дека ништо не е ненадминливо со денешната технологија. Ставот на ЕУ, за емисијата „360 степени“, го пренесе Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ. Тоа е и одговор на критиките и обвинувањата од новите власти во земјава дека проектот е лош, скап и неизводлив.
„Навистина, теренот на оваа трета фаза е изискувачки, сложен, но тоа не е нешто што не може да се надмине со денешната технологија. Но, секако е поизискувачки од другите делници. Имајќи ја предвид европската димензија, ЕУ ги финансира сите делови. Го финансира делот на запад, кон Албанија, кој е во фаза на планирање, но, исто така, и на страната на Бугарија која како земја членка, има поинаква финансиска конструкција. Таму, проценката ни е дека последните делници на бугарска страна кои се опфатени со Директоратот на ЕК за регионална политика преку структурни фондови, се помалку предизвикувачки и би можеле да бидат завршени значително порано од 2030 година“вели Худолин.
Претставникот на ЕУ дополнително вели дека документацијата била последен пат ажурирана во 2013 година, при што е направена проценка од финансиерите и е потврдена одржливоста токму на оваа траса. Притоа е заклучено дека „која било промена нема да биде пропорционална во однос на ресурсите кои треба да се инвестираат“.