Зајкова предлага Македонија да ја одликува пратеничката Јовева
Македонија има пријатели во групата на либералите во Европскиот парламент, кои имаат слух за проблемите и сакаат да помогнат и за тоа што го прават, сметам дека треба да добијат одликувања, изјави вчера лидерката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Според неа, ЛДП веќе поднела предлог до кабинетите на претходниот претседател и сегашната претседателка на државата да им се даде признание на пријателите на Македонија.
-Мојата драга колешка и пријателка од групата „Renew Europe“ и голем поддржувач на нашата земја, Ирена Јовева, е една од нив, чиј импресивен настап во Европскиот парламент не остави никого рамнодушен ниту во Скопје, ниту пак во Софија. Тие не се платени лобисти, веруваат во она што го гледаат и што им го кажуваме и се борат за подобрување на нашите позиции, рече вчера Зајкова во вестите на Тв Сител.
Според лидерката на ЛДП, со одликувањето ќе им дадеме мотив за уште посилно да се борат на европската сцена, а нас ќе ни овозможи да ги држиме цврсто европските пријателства и заеднички да се надеваме на успех.
Пред осум дена во Европскиот парламент, највпечатлив беше настапот на словенечката европратеничка со македонско потекло која изјави:
– За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет и храброст – рече таа.
Јовева додаде и дека документот на Вајц е извештај за патот на земја кандидатка за членство, на кој таа е понижена од некои членки на Унијата. Таа нагласи дека нема да гласа за амандманите за бришење на формулација „македонски идентитет и јазик“ од Извештајот, потенцирајќи дека македонскиот идентитет нема да исчезне поради нечие лобирање.