За Ковачевски најавената блокада на Собранието е неодговорност, Мицкоски останува на барањето за предвремени избори

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека најавената блокада на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е неодговорно однесување, што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави тоа, нагласувајќи дека тој нема да подлегне на уцени и закани, додека пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека најавената активна блокада за која вчера одлучи Извршниот комитет на партијата е нарачка, тврдејќи оти партијата работи за интересите на граѓаните.

– Ова е едно неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави, а тоа е Никола Груевски кој очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Собранието на државата треба да биде место каде што се унапредуваат законите, каде што се носат решенија за справување особено со кризава која што ја имаме во државата, а која што е резултат на војната која што се води во Украина и блокирање на Собранието е најлошото нешто што може некој политичар да го направи во овој момент, нагласи Ковачевски.

Блокирањето на Собранието, додаде тој, не е нешто што ВМРО-ДПМНЕ сега го најавува и го прави, бидејќи ако ги погледнете законите коишто се заглавени во Собранието токму на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, а не се работи за еден, два, три, 10, 15, 20, туку се работи за многу повеќе закони, тогаш излегува дека тоа е нешто што во континуитет го отсликува однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на својата задача, бидејќи блокирањето на Собранието не значи ништо друго, освен блокирање на она што треба да се направи за граѓаните на државата. Втора работа која што исто така е многу важна, јас ги гледам денешните написи воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и да се служи со закани, затоа што јас потврдив во изминатите речиси четири месеци, дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството, истакна премиерот.

Ковачевски повтори дека со резигнација го отфрла ова што го презема ВМРО-ДПМНЕ и како што истакна, тоа не е ништо поразлично од она што го правеле и досега, меѓутоа сега веројатно добиле наредба тоа да биде и јавно искажано.

Во синоќешното интервју за ТВ 21, Ковачевски истакна и дека најавите за блокада на Собранието од страна на Мицкоски е најнеодговорниот чекор што еден претседател на политичка партија може да го стори во период кога државата како и целиот свет се соочува со најголема економска и енергетска криза.– Ова што го прави претседателот на ВМРО – ДПМНЕ е најнеодговорното нешто што може некој да го направи во време на најголемата светска, економска криза после Втората светска војна. Во услови кога има постојан раст на цените на енергенсите, на цените на храната и во услови кога гледаме во Европа сите политички субјекти се обединуваат околу наоаѓање начини за задржување на животниот стандард, во наоаѓање начини како низ регионални соработки да обезбедат доволно енергенси за претстојната зима. Ова однесување на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ е исклучително неодговорно, посочи Ковачевски.

Тој истакна дека простор за дебата секогаш постои, но и дека нема да прифати какви било уценувања од страна на опозицијата.

– Закани, и тоа инфантилни закани од типот имате уште пет дена, четири дена, три дена, одбројување – тоа се минати времиња. Ние сме демократска држава, истакна Ковачевски во интервјуто.

Мицкоски, од друга страна, тврди дека ВМРО-ДПМНЕ работи исклучиво за интересите на граѓаните и на државата.

– Тие можеби работат по тој принцип на нарачки, но ВМРО-ДПМНЕ работи исклучиво за интересите на граѓаните и интересите на Македонија и така и ќе продолжи. Инаку, она кое што вчера го донесовме како заклучок на седницата на Извршниот комитет, практично е реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа која ќе биде одговорна, бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикувавме на заедништво, на  дијалог, да седнеме да зборуваме за проблемите, за одржување на предвремени парламентарни избори, па ако се навистина толку јаки, ако велат дека народот ги сака тие, ќе нѐ декласираат на тие предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат политиките кои велат дека народот ги поддржува, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање за време на посетата на Гевгелија.

Според него, единствен начин да се провери рејтингот на партиите се избори.

– Еве, јас не се плашам, велам ајде да седнеме да разговараме очи во очи, ајде да одиме на избори, немам од таа страна потврден одговор, така што, единствен кој ќе биде одговорен од сега па натаму за сето она што ќе се случува во Македонија е раководството на СДСМ и самиот СДСМ, истакна Мицкоски.

Поддршка на „активната блокада“ на ВМРО-ДПМНЕ, најави претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, според кого, неопходни се предвремени парламентарни избори, па затоа неговата партија ќе ја блокира работата на Собранието.

– Сигурно со тие капацитети што ги има Беса во случајот со двајцата пратеници во Собранието, ние ќе делуваме да имаме активна блокада. После сите овие кризи со кои се соочуваме и со нерешеното одлучување и постапување на оваа Влада, цениме дека веќе го нема легитимитетот и затоа ни се потребни предвремени избори, изјави Касами.

Од друга страна, портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски во одговор на новинарско прашање вчера, истакна дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека изборите ќе се одржат во 2024 година.

Според Каевски, СДСМ е на страната на граѓаните и носи реформски и важни закони, а ВМРО-ДПМНЕ е на страната на опструкциите и блокадите.

– Да, тоа што го кажавте дека сме дијаметрално спротивни страни, да, тоа е така. Ние сме на страната на граѓаните и носиме реформски и важни закони, а ВМРО-ДПМНЕ е буквално на страната на опструкциите, блокадите и сака преку политички ситни поени да дојде и да добие некакви политички поени. Коалицијата е стабилна, парламентарното мнозинство е стабилно и како резултат на сето тоа, наредните парламентарни избори ќе бидат во 2024 година и ќе бидат редовни, рече Каевски на прес-конференција.

По прес-конференцијата на Каевски, следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ, во која е наведено дека активната блокада е „барање на граѓаните“.

– До сто отсто се зголемени цените на основните продукти, за 70 отсто се зголемени цените на горивата, за 30 отсто е зголемена цената на струјата, за 15 проценти е зголемена цената на парното греење. Тоа е во поголем дел вина на СДСМ и лошото управување со државата заради криминал, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница во средата вечер му даде поддршка на Мицкоски за активен бојкот на Собранието.

Партискиот потпретседател Александар Николоски по седницата најави дека оваа „активна блокада ќе трае во континуитет се до промената на власта, односно се до договор за датум за предвремени парламентарни избори“.

Според Николоски, ова е еден од првите чекори, а во наредните денови ќе продолжат разговорите во рамки на телата на партијата за преземање идни чекори, при што сите опции се на располагање доколку продолжи, како што рече, неразумноста на СДСМ и на ДУИ. 

Back to top button
Close