За либералната демократија вреди да се борите

The Atlantic

Од сите празни, бесмислени изјави што повремено ги повторуваат западните политичари, ниту една не е попразна и побесмислена од оваа: „Не може да има воено решение за овој конфликт“.

Тоа го кажа поранешнниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун во 2013 година: „Нема воено решение за конфликтот во Сирија“. Џон Кери, тогашен државен секретар на САД, ги повтори истите зборови во многу прилики, вклучително и во 2013 година и повторно во 2015 година. Залмај Калилзад, американскиот специјален претставник за Авганистан, го рече истото на 3 август: „Ние веруваме дека нема воено решение за Авганистан. На крај, во Авганистан да има мир и стабилност, мора да се постигне политичко решение преку преговори“. Дури и британскиот премиер Борис Џонсон свечено го повтори ова во јули: „Не постои воен начин да се победат талибанците“, пишува Ана Еплбаум за Атлантик (The Atlantic).

Фраза која звучи убаво, но не е вистинита

Оваа фраза звучи убаво, но не е вистина. Во многу конфликти, најверојатно во Сирија и секако во Авганистан, постои воено решение. Војната завршува затоа што победува едната страна. Едната страна има подобро оружје, подобар морал, повеќе надворешна поддршка. Едната страна има подобри генерали, подобри војници, повеќе издржливост. Или понекогаш едната страна е повеќе подготвена да користи насилство, суровост и терор и е поподготвена да умре за да им донесе насилство, суровост и терор на другите луѓе.

Мировните преговарачи, експерти за превенција од конфликти, претставници на ОН, претставници на Европска Унија и безброј американски и меѓународни дипломати не сакаат да веруваат дека ова е вистина, бидејќи не ги одразува вредностите на светот во кој живеат. Тие не ги познаваат талибански борци, милитанти на Хезболах или руските платеници и не можат да замислат како изгледа светот од нивна гледна точка. Но, насилните екстремисти, спротивно на популарното верување, можат да бидат доста рационални, тие можат да пресметаат што точно треба да направат за да победат во битка или војна, и токму тоа го направија талибанците во Авганистан. Имаше воено решение и талибанците чекаа долго време да го постигнат тоа. Сега насилниот екстремизам на движењето ќе се претвори во насилна, автократска и тиранска состојба.

Тоа е причина поради која имаме армија, оружје и разузнавачки агенции

Потребата да се спречи ова на друго место, за да се спречат насилните екстремисти да напаѓаат места каде што луѓето претпочитаат да живеат во мир и владеење на правото, е токму причината зошто имаме војски, оружје, разузнавачки агенции и шпиони од секаков вид, и покрај сите грешки што ги прават, како и грдите работи што понекогаш ги прават.

Потребата да се спречат насилните екстремисти да создаваат структури како Ал Каеда или агресивни режими со нуклеарно оружје е токму причината зошто Американците и Европејците се вклучуваат во далечни и тешки конфликти. Затоа САД, меѓу другото, имаат воени бази во Германија, Јужна Кореја и Кувајт. Дури и Холанѓаните сфатија дека треба да воспостават база во Авганистан.

Тоа е и причината зошто постои феномен на либерален интернационализам или „неоконзервативен интернационализам“. Понекогаш само оружјето може да ги спречи насилните екстремисти да ја преземат власта. Сепак, многу луѓе во либерално демократскиот свет, можеби повеќето луѓе, не сакаат да веруваат во ова.

Твитот на Варуфакис го откри лудилото на антивоената левица

Долго време, тие мислеа дека овие алатки се премногу ужасни или премногу скапи. Како и Бан Ки-мун и неговите многубројни имитатори, понекогаш дури и се преправаат дека овие алатки воопшто не се потребни, бидејќи конфликтите може да се решат преку „разговори“, „дијалог“ и „културна размена“.

Тие се преправаат дека секогаш постојат мирни решенија кои не биле земени предвид на некој начин, дека секогаш постои ненасилен одговор што некако се игнорира и дека „солидарноста“ со жените во Авганистан, без физичко присуство да го потврди тоа, е разумна идеја. „Држете се сестри!“, напиша грчкиот економист Јанис Варуфакис во твитот во кој го славеше падот на „либералниот неоконперијализам“ и несвесно јилустрира колку антивоената левица е луда. Држете се сестри? Падот на Кабул го исмејува ваквиот вид јазик и ги прикажува оние што го користат како будали.

Бајден го заврши тоа што го почна Трамп

Во следните денови многумина ќе се расправаат дека Авганистан всушност не беше пораз за Америка или Западот. Во извесна смисла, тие се во право. САД не се откажаа, го загубија трпението и одлучија да заминат. Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео и поранешниот претседател Доналд Трамп потпишаа договор, објавија повлекување на војниците, а потоа почнаа да ги повлекуваат.

Претседателот Џо Бајден едноставно ја заврши таа задача. Но, сликите од Кабул раскажуваат поинаква приказна, онаа што се однесува не само на одлуките донесени од Бајден или Трамп, ниту пак на каква било поврзаност со американската политика.

Приказната е следна: теократска, мизогинистичка, милитаристичка организација брзо ги уништува сите елементи на либералното општество што успеа да се вкорени во Авганистан во текот на двете децении на „неокон империјализмот“. Неколку часа по победата на талибанците, на жените им беше кажано да не влегуваат во Универзитетот во Херат, талибанските сили пукаа врз мирни демонстранти, а оние што работеа со Американци или Европејци се криеја или се обидуваа да избегаат. На улиците во Кабул, мажите набрзина почнаа да ги прекриваат со боја постерите со женски лица, кои сега повторно ќе бидат протерани во сенка.

На Талибанците им беа потребни неколку недели да го направат она за што на Путин му требаа години

Настаните во Авганистан се дел од многу поголема приказна и тие ја илустрираат таа приказна со болна јасност. Ретко каква било конкуренција помеѓу „отворените“ и „затворените“ општества, меѓу демократијата и диктатурата, помеѓу слободата и автократијата е толку кристално јасна; ретко која победа на второто над првото била толку брза или толку целосна. На Хуго Чавез или Владимир Путин им беа потребни години за да наметнат репресивна контрола врз нивните народи. Талибанците би можеле да воспостават за неколку дена или недели.

Поради тоа, падот на Кабул нужно ќе предизвика некои американски сојузници да се прашуваат дали нивното либерално општество е безбедно. Тие разбираат зошто на Американците им е здодевно со Авганистан; може да е вистина дека земјата беше премногу далечна, премногу непозната, за да го оправдаат постојаното присуство. Но, кои земји се доволно блиски или културно доволно слични за да бидат убедени во долгорочната американска поддршка? Во моментов не се во војна, но сепак…

Што би било ако Американците нагло се повлечат од Европа или од Корејскиот Полуостров?

Ако американската војска нагло ја повлече воздушната поддршка и логистика од Европа или Корејскиот Полуостров, тогаш многу земји би биле ранливи на агресија. Германија не би можела да се одбрани. Ниту Полска. Или Естонија. Или Јапонија. Огромен знак прашалник има, се разбира, над Тајван.

Падот на Кабул треба да ги натера Американците да го сменат својот фокус, Американците во владејачката администрација, во Конгресот, во раководствата на двете партии, но пред се, обичните Американци низ целата земја, на изборите што претстојат.

Можеби Американците се изморија, но не и талибанците

Авганистан е корисен потсетник дека и покрај заморот и заморот на нашите сојузници од „вечните војни“, талибанците воопшто не се уморни од војни. Ниту Пакистанците кои им помогнаа не се уморни од војните.

Не се уморни ниту рускиот, кинескиот и иранскиот режим, со надеж дека ќе имаат корист од промената на власта во Авганистан; ниту пак Ал Каеда и другите групи што би можеле Авганистан да го претворат во свој дом во иднина. Уште поважно, дури и ако не не интересира ниту една од овие народи и нивната брутална политика, тие се заинтересирани за нас. Тие гледаат на богатите американски и европски општества како пречки што треба да се отстранат од патот. За нив, либералната демократија не е апстракција; тоа е моќна, опасна идеологија што ја загрозува нивната моќ и треба да се победи каде и да постои, и за тоа ќе користат корупција, пропаганда, па дури и насилство. Тоа ќе го направат во Сирија и во Украина и ќе го направат во границите на САД, Велика Британија и ЕУ.

Можеби не сакаме ништо од ова да биде вистина. Можеби би претпочитале поинаков свет, свет каде што можеме да се држиме подалеку од нив и да ги држиме подалеку од нас. Но, ова не е светот во кој живееме

Не може секогаш да се борите со јазик, аргументи или дипломатија

Во реалниот свет, битката за одбрана на либералната демократија понекогаш е вистинска битка, воена битка, а не само идеолошка битка. Не може секогаш да се борите со јазик, аргументи, конференции или дипломатија, ниту со вклучување на организации за човекови права, декларации на ОН и жестоки загрижувачки изјави од ЕУ. Или подобро кажано, може да се обидете да се борите на тој начин, но ќе изгубите.

Back to top button
Close