За Мицкоски СДСМ калкулира со брзи избори, за Заев ВМРО-ДПМНЕ опструира во здравствена криза

Одлуките на здравствената комисија, на Кризниот штаб за коронавирусот и на Владата покажуваат дека никој не калкулирал со избори за време на здравствената криза. Кај нас Уставот вели дека одредени слободи и за време на вонредна и за време на воена состојба не можат да се ограничат. Тоа се вкупните слободи, правото на живот и вероисповед, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот ТВ дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-Не можете да затворите верски објекти и да ги ограничите правата на вероисповед на своите граѓани. Владата нема да го крши Уставот заради тоа што е светост и треба да се почитува до крај. Мерките беа димензионирани на препорак ана Здравствената комисија и беа соодветни на препораките  на Светската здравствена организација и на целиот наш регион, рече Заев и обвини дека ВМРО-ДПМНЕ за целиот период преку своите технички министри во Владата се обиде да пласира „фејк њус“, да прави опструкции и да ги омаловажува здравстените работници.

Според него, експертите во државата комплетно ја завршија својата работа и притоа државата не дозволи да потоне економијата што, како што рече, е нотирано од Светска банка.

Мицкоски му реплицира дека ако немала Владата уставно право зошто за Велигден прогласи целосен полициски час и ги затвори црквите. Додаде дека единствен кој е виновен во државата за непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот во онаа форма во која требаше да биде е претседателот на техничката Влада заедно со тимот кој ги носи мерките зашто никој друг не е консултиран за мерките што се носат.

-Беше донесен полициски час за да не може луѓето да одат на најголемиот христијански православен празник да запалат свеќи за здравје и за упокоените. Зошто беше донесен тогаш полициски час, а за Бајрам имаше пет часа утрото слободен простор, а потоа продолжи полициски час. Зошто не го направивме тоа и вечерта за Велигден. Суштината е дека државата и Владата нема право да им забрани на верниците да појдат во верските објекти, посебно за овие два многу значајни празници. Разликата со СДСМ е што ние во време на криза не излеговме да ја цинкариме државата и да уништуваме државен имот, туку во врене на криза одлучивме да помогнеме и донесовме авиони помош кога беше потребна, рече Мицкоски.

Заев посочи дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не води грижа за граѓаните и додаде дека КОВИД-19 ќе има и во август и во септември и до крајот на годината.

-За да не се зголеми бројот на заболени со КОВИД-19 водиме исклучително внимателна кампања и  се изброени луѓето кои доаѓаат на отворените простори и таму каде што с едржи состанок на затворено. Комплетно ние сите сме пример како треба да се почитуваат мерките за заштита, а нашиот опонент тоа не го прави. Важно ни е да ги вратиме инститциите, немаме парламент ни политичка влада, но чуму ни се ако има и еден заболен плус. Тоа го правиме внимателно секој ден за време на кампањата зашто ни треба политичка влада која ќе носи одлуки и функционален парламент, рече Заев.

На тоа Мицкоски му одговори дека нивните собири се масовни, бидејќи луѓето сакаат да ги видат и чујат и посочи дека носат маски и ракавици.

-Молев да нема избори сред пандемија, но не станува збор за институциите, туку СДСМ мислеше дека во април и мај се добри анкетите за нив и мислеа дека Венко Филипче ќе биде перјаницата која ќе ги извади од нивното политичко мочуриште и од исклучиво лукративни причини сакаа брзи избори, посочи Мицкоски и додаде дека се одлучиле да одат на избори во јули за да нема едноумие во државата.

Точно е дека кризата ќе трае, нагласи, но нека биде како во Словенија и Хрватска со еден до два заболени, а не со троцифрени бројки на заболени и двоцифрени бројки на починати.

Back to top button
Close