За наградата „Пегаз“ за необјавен роман конкурираат 44 ракописи

Поетски награден конкурс по повод ослободувањето на Берово - МИА

 Во конкуренција за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината се 44 ракописи, соопшти издавачката куќа „Арс Ламина“, која со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ третпат го организира конкурсот за оваа награда. Тој беше отворен на 28 април и траеше до 31 мај.

Според организаторите, целта на конкурсот е да открива нови и квалитетни писатели кои би поставиле критериум за книжевните вредности што треба да бидат показател за напредокот на македонската книжевност и култура.

– И оваа година имавме добар одѕив, дури и во периодот на пандемија, што ни покажува дека на нашата книжевна сцена има голем творечки потенцијал и дека „Пегаз“ постепено и амбициозно го гради својот имиџ на важен учесник во унапредување на романсиерската продукција од домашни автори, изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

Во претстојниот период пристигнатите 44 ракописи ќе ги оценува тричлено жири, во состав: Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска.

Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и треторангираните романи.

– На минатогодишното издание на „Пегаз“ пристигна 61 ракопис. Беа избрани два победнички романа, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески, кои беа објавени во посебна едиција, а во подготовка се уште неколку романи што од жирито добија позитивна оценка и препорака за објавување, информира „Арс Ламина“.

Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Back to top button
Close