За некого Брдо, за Балканот уште една планина за искачување

Балканот е загледан назад наместо напред, и разединет, наместо да биде обединет и да поработи на сопствениот имиџ во европската јавност. Пишува Тони Поповски, пренесува Дојче веле

 

„Отворање на очите“ е ефект на силна емоционална реакција поради неочекувано дејство или случка.  Десет дена од одржувањето на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ се доволна дистанца за консолидација на впечатоците и оценка на ефектите. „Проширувањето“ барем декларативно (на хартија) преживеа, но до израз дојде внатрешната поделеност на Унијата и тоа до степен на „отворање на очите“ за сите нас на Западниот Балкан. Унијата на неистомисленици (иако звучи парадоксално) за стратешки, надворешно политички и безбедносни прашања, за последица покрај останатото има и запрен процес на проширување.

И покрај континуираната и масовна резигнација од неисполнети ветувања кон нејзиниот најблизок регион, со чии држави Унијата има воспоставено не само реторичка туку и договорна политичка соработка, покрај економската, и реализираните донации и други вложувања во регионот, словенечкиот Самит дефинитивно ги отвори и нашите геополитички очи. А дека го гледаме тоа што реално се случува, потврдува и Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, во својот последен блог. Во него Жозеп Борел недвосмислено укажува дека Унијата нема заедничка стратешка култура, ниту доволно волја за стратешко дејствување, и дека и недостасува стратешки компас. На ова се надоврза и угледниот магазин „Економист“ во изданието од претходната седмица, прогласувајќи го проширувањето за умрено, притоа отворено забележувајќи и на Унијата за хроничен недостаток на капацитет да биде глобален фактор.

Заедничка геополитичка игра или игра сам по сам, и само за себе 

„Да се биде синхронизиран“ е состојба во која две или повеќе лица, или нешта (вклучувајќи политики и процеси, па и држави) се движат заедно со усогласен ритам и брзина. Очигледно, не само во овој момент туку и во подолг период, членките на Унијата се во расчекор по низа прашања од стратешко значење, не ретко препнувајќи се едни со други. Само еден но, за жал за нив, не толку значаен геополитички танц е односот кон непосредното соседство. За илустрација, Бугарија успешно ја сопна „заедничката“ европска политика за проширување од чисто субјективни побуди, потврдувајќи ја тезата на Борел дека нема „заедничко“ доколку во Унијата доминира агенда на една или неколку држави.

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni PopovskiТони Поповски е архитект и поранешен министер за животна средина

Помалку или повеќе, од случај до случај, Унијата панично делува под притисок на геополитичките случувања, генерирани од новиот мултиполарен поредок. После шокот со Брегзит и неодамнешниот шок од транзицијата на власта во рацете на Талибанците во Авганистан, нов шок предизвика создавањето на AUKUS – одбранбениот пакт за спротивставување на Кина во Индо – Пацификот, од страна на САД, Обединетото Кралство и Австралија, проследено со откажување на крупна зделка за набавка на француски подморници од страна на Австралија.  На ова се надоврзуваат и внатрешни поделби за суштински прашања поврзани со спроведувањето на европските начела, право и вредности, кои кулминираа со одлуката на полскиот Уставен суд за безмалку целосна супремација на полското право врз европското.

Наспроти мултиполарните тензии кои од ден во ден се заоструваат, државите членки на Унијата се однесуваат како фрагментирани антички градови- држави, резервирани а не ретко и закарани помеѓу себе, и следствено неотпорни на глобални процеси и влијанија. Од таа причина, во поголем дел од реномираните и независни западни медиуми, епилогот од одржаниот неформален состанок на европските лидери, ден пред Самитот со нивните колеги од Западниот Балкан, и покрај декларативната определба (на мајсторите на декларативното) нешто да се промени на подобро, сепак беше оценет како манифестација на неслога и суштинска немоќ на Унијата да биде локален (на Балканот) а камо ли глобален геополитички актер. Оттаму и бинарниот, но истовремено брутален коментар на Борел за избор помеѓу две алтернативи, постоечката, со „забиена глава во песок“ или посакуваната, за поголемо суштинско единство и заедничка акција, како и предупредувањето дека Унијата наместо да прерасне во силен геополитички субјект, станува објект на геополитички игри.

За волја на вистината, Унијата е навикната, посиромашните и подалечните да дојдат кај неа на „баци рака“, но во еден изменет и нагласено мултиполарен свет, и други повлакнести и лепливи раце се подадени за „бакнување“, особено на Балканот. Со овие раце за жал и дел од Унијата нескриено кокетира.

Состојбата можеби најдобро ја резимира „Економист“: „Кохерентна заедничка политика за Северна Македонија, Албанија и нивните соседи треба да биде едноставна, во споредба со потешките избори што претстојат за ЕУ. Во моментов, политиката на ЕУ за Кина ја означува земјата како партнер, конкурент и ривал. На крајот ЕУ ќе мора да избере, одлучувајќи што е од колективен интерес. Така, подобар совет за клубот е да започне со она што би требало да биде полесниот избор. Ако ЕУ сака да биде глобална сила, прво треба да стане локална. Обновената политика за проширување е местото за почеток.”

Унијата ќе се прошири само кога тоа вистински ќе го посака европската јавност 

И повторно со „прогледани“ очи за парадоксите околу нас. За проширување на Унијата нема да одлучат европските политичари, туку европската јавност која во моментов е крајно резервирана. Најголем дел од причините се поврзани со трауматичните ефекти од претходното проширување, од однесувањето на Полска и Унгарија, внатрешното мигрантско цунами, особено од Романија и Бугарија покрај останатите од европскиот Исток, кавгите на Западот со Истокот за буџетот на ЕУ, економските потфрлања и неизвесната пост-пандемиска обнова, а потоа и реактивната (на терористичките настани и закани), а во значаен дел и автентична ксенофобија и исламофобија, на која вирее екстремната десница. Не помал негативен ефект врз европската јавност има и суштинската неподготвеност на балканските држави да преминат од хибридни режими во матурирани демократии, и да надминат низа патетични недоразбирања со корени во минатовековните аспирации и политики за национална еманципација за сметка на соседот, кои за жал и во добар дел се генерирани и од балканските членки на Унијата.

Балканот е загледан назад наместо напред, и разединет, наместо да биде обединет и да поработи на сопствениот имиџ во европската јавност. Застојот во проширувањето е заеднички проблем на сите балкански држави во европската чекална. Наместо да бидеме практични и заедно да го адресираме предизвикот бидејќи е од заеднички социо-економски интерес, ние постојано плетеме сплетки на сметка на другиот во чекалната, не ретко и со помош на држави членки на Унијата, кои во Брисел заземаат наивна поза, а на Балканот се однесуваат балкански. Истовремено сме зачудени, зошто Унијата не сака да увезе хибридни режими и дополнителни тензии и конфликти. Тоа што европската јавност нѐ не сака, очигледно не ни пречи доволно и ниту пак правиме некој заеднички, добро осмислен и амбициозен обид да го поправиме имиџот. А барем тоа би можеле да го направиме бидејќи зависи само од нас, од државите на Западниот Балкан.

Back to top button
Close