За неполн месец бројот на активни случаи на Ковид-19 намален за околу 3.000, ревакцинирани над 700 илјади жители

Опаѓа бројот на новозаразени од коронавирусот. Вчера беа регистрирани 392 инфицирани од 4.633 тестирања или околу 8,4 отсто. Претходно тој процент беше над 10. Се намалува и бројот на активни случаи. Ако на почеток на септември во државата имаше над 15.000 активни случаи, сега има 12.240. За претходното деноноќие беа регистрирани и 17 починати, а како што соопшти Министерството за здравство дополнително во „Мој термин“ пријавени се уште три починати лица во периодот од 12 до 22 септември. Регистрирани сe и 339 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1 274 003 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189 551 бројката на оздравени пациенти е 170 734, на починати е 6577, а бројот на активни случаи изнесува 12 240.
Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има најмногу активни и тоа 5689. Следува Куманово со 967, Тетово – 945, Охрид – 502, Гостивар – 490, Кичево – 417, Струга – 364, Велес – 312, Струмица – 310, Прилеп – 304. Во другите градови се помалку од 300, а во Дојран само еден позитивен на Ковид-19.
Вакцинацијата во државата се одвива непречено, целосно имунизирани над 714 илјади граѓани. Заклучно со завчера вакцинирани се 781 623 граѓани, а ревакцинирани 714 135, односно аплицирани се вкупно 1 495 762 дози. Прва доза вакцина завчера примиле 1717 , а вкупно се вакцинирале 6897 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.

Министерството потсетува дека за вакцинирање на пунктовите не е потребно закажан термин, а децата од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност од родител.

– Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход, информира Министерството за здравство.

Под мотото „Доверете ни го вашето здравје“, вчера се одбележа Светскиот ден на фармацевтите.

Фармацевтска комора на Македонија соопшти дека годинашното мото е избрано токму поради фактот што во оваа ера на пандемија, токму довербата што пациентите ја имаат кон здравствените работници, меѓу кои и фармацевтите како едни од најдостапните, е таа што ни помага полесно да се соочиме со коронавирусот.

Во светот досега се заразија со коронавирусот 232 милиони луѓе, починаа над 4,7 милиони, а оздравеа околу 208 милиони лица.

Од Норвешка вчера пристигна веста дека државата по 561 ден ги укинува мерките воведени поради пандемијата на Ковид-19, кои ги ограничија физичките контакти, а голем дел од економијата целосно се отвора.

– Ова е 561 ден откако ги воведовме најстрогите мерки во Норвешка во мирно време. Сега е време да се вратиме на нашата вообичаена рутина, изјави вчера премиерката Ерна Сулберг на прес-конференција.

Според Националниот институт за јавно здравје, околу 76 проценти од Норвежаните досега биле вакцинирани со најмалку една доза, а 67 проценти од населението се имунизирани со две дози.

Медицинскиот факултет во Белград прв воведе ковид-пропусници во соседна Србија.

Студентите, наставниците, соработниците и техничкиот кадар на Медицинскиот факултет, додека трае актуелната епидемиолошка состојба, ќе можат да влезат на факултетот само со потврда дека не се позитивни на коронавирусот.

Back to top button
Close