За пасијата кон природата и спортот со Максим Димитриевски
Работната позиција и ангажманот како Градоначалник на Општина Куманово се огромен предизвик и обврска кон граѓаните на Куманово. Желбата да придонесам и да изградам општина каква што посакуваат и заслужуваат граѓаните бара максимална посветеност и работа во секој момент од денот. Но, понекогаш потребна е оддишка, мотивација, инспирацијата… Јас мојата ја наоѓам во природата и спортувањето.
Нема поубаво чувство кога ќе најдете време да се качите на планина и уживате во убавините на природата која таа ги нуди. Нашата земја поседува скриени убавини кои за мене се мотив постојано да ги истражувам.
Секоја слободна прилика ја користам да пешачам или планинарам, онаму каде што се чувствувам најисполнет, полн со енергија и да дишам со полни гради. Во природа, на планина, шума или покрај некој од кањоните или езерата.
Практикувањето на здравиот начин на живот и спортувањето е нешто што го практикувам од најраното детство. Спортувам откако знам за себе и тоа ме прави многу среќен.
Таа љубов им ја пренесувам и на моите три деца и сопругата, кои ми се честа придружба на моите планинарски експедиции и доживувања, а честопати заедно пливаме.
Освен планинарењето, голема пасија ми се и пливањето, а понекогаш сакам и поекстремни спортови, како што е возењето на теренски оф роад возила.
Екстремниот спорт го покачува адреналинот, а придонесува и предизвикува внес на огромна енергија која ми е потребна за сите нови инспирации и предизвици за да изградам општина која ќе биде гордост на секој жител на Куманово.
Придобивките од спортот се бесконечни и извор на енергија, здраво тело и здрав дух, а тоа сакам да им го пренесам и на младите.
Динамичниот живот, предизвиците на новото време и честото седење на телефони и компјутери, ги одвлекуваат младите, а и нас возрасните од грижата кон нашето тело и дух.
Токму затоа, максимално сакам да се вклучам во предизвикот да им помагам и инспирирам граѓаните да почнат да вежбаат, да внесат здрави навики во секојдневниот живот, кои ќе придонесат пред се, да ги оттргнат од секојдневните грижи.
Како Градоначалник можам да ветам дека како и досега, а и во иднина напорно и вредно ќе работам да овозможам и изградам што повеќе места за спортување. Ќе го промовирам и поттикнувам спортот и здравиот начин на живот, како и зачувувањето и негувањето на природата.
Со секојдневно вложување во нови спортски терени се зголемуваат можностите за развој на спортот, младите генерации заслужуваат подобри услови за здрав и подобар живот. Човек кој спортува и се рекреира, ја троши негативната енергија, се ослободува од стресот и го негува сопственото здравје. Честите еколошки акции, кои ги поттикнувам и учествувам во нив,дополнително придонесуваат за здрава животна средина.