За претседателот важат посебни прописи за заштита на личноста, вклучително и користење службени возила, велат од кабинетот на Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски е актуелен претседател на државата и за него важат посебни прописи за заштита на личноста, односно постојано физичко обезбедување вклучително и користење посебни службени возила со кои се обезбедува физичка заштита. Ова е одговорот од кабинетот на претседателот, а доаѓа откако дел од медиумите вчера објавија дека актуелниот претседател и кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, со службено возило и со доделеното обезбедување го посетил штабот на СДСМ во Штип.

„Посебните правила се уредени во Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата, согласно со Законот за полиција, уште во 2014 година“наведуваат од кабинетот на претседателот.

Овие правила, додаваат оттаму, важат за целото време на извршување на функцијата и нагласуваат дека согласно со член 8-б, став 1 од Изборниот законик, овие правила за претседателот важат и за време на изборната кампања.

„Потсетуваме дека претседателот на државата не е член на ниту една партија и е подготвен да има средба со секоја политичка партија доколку има такво барање или покана, како што практикува од стапувањето на должноста во 2019 година“додаваат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Минатата недела од Државната комисија за спречување на корупцијата, повикувајќи се на член 8-б став 1, соопштија дека за потребите на изборната кампања за претстојните претседателски и парламентарни избори забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

„Постојано се обезбедуваат претседателот на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, замениците на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи“ велат од ДКСК.

Back to top button
Close