За проект од 169.000 евра, екс директорот на АФПЗРР доби обвинение за примање мито

Околу 10 милиони денари или речиси 169.000 евра бил проектот за кој поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој (АФПЗРР), Илија Стоилев се гони за примање на мито, дознава Телма. Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев кој требало да добие 50.000 евра за да стави потпис на проектот.
На фирмата „Сигнас-Арго“ пред скандалот двапати и биле одобрени проекти во 2019 година и во 2022 година за опрема за преработка на житни, мелнички и производи од скроб. Првиот грант бил од околу 60.000 евра, а вториот 116.000 евра. Фирмата требало да обезбеди половина од овие пари, а остатокот биле средства од ИПАРД.
А пари сè уште чекаат останатите корисници на ИПАРД, откако поради случајот беше блокирана исплатата. Европската комисија ја стопираше и исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД 3 програмата кои требаше да легнат на сметката на државата до крајот на јануари.
„Ние како Влада овој случај го разоткривме и ние како Влада постапувавме по овој случај и луѓето за кои што постои основано сомневање дека сториле кривично дело, обвинителството, а понатаму и судот, треба во една судска постапка да го докаже истото. Мислам дека има, од тие информации со кои јас располагам, доволен број на докази за овој процес добие судска разврска. Што се однесува до односите наши со Европската комисија, јас очекувам набрзо овие процеси да бидат откочени и да продолжи исплатата на средствата кон земјоделците“, додаде премиерот Христијан Мицкоски.
Во централниот регистар, Насуфи се јавува како управител во фирмата „Сигнас-Агро“, но бил сменет 10-тина дена по отворање на случајот. Обвинети се и четворица вработени во Агенцијата, зашто ја одобриле апликацијата без потребните документи. Без планираните 400.000 евра останаа 15 корисници на ИПАРД 3 кои требаше да им бидат исплатени до крајот на годината.






