За првата спасувачка служба во Прилеп се бара помош
Со показна вежба за умешноста во спасување човечки животи, прилепското спелеолошко друштво „Златоврв“ и извидниците од клубот „Феникс“ денеска потсетија дека се оформува првата спасувачка служба во Прилеп за која е неопходна материјална и финансиска поддршка од институциите и субјектите. Станицата ќе биде стационирана на превојот Плетвар. Показната вежба беше кај конструкцијата на фирмата „Металец“ на излезот во Прилеп.
Дарко Неданоски, спелеолог од спелеолошкиот клуб „Златоврв“ и претседател на Македонската федерација на спелеолози објаснува дека имаат умешност и веќе се докажуваат за спасување на секој кој ќе се најде во опасност додека планинари, се искачува, на параглајдеристите и на сите кога животот им е во опасност во урбана и во рурална средина, но потребни им се материјално-технички и финансиски средства за станицата и за службата. Засега работат со сопствени средства иако имале ветувања како и потпишан меморандум за соработка со Управата за заштита и спасување.
– Целта на овој настан е да ја презентираме нашата прва спасителна служба во Прилеп и да побараме помош во нејзиното опремување. Ќе ни бидат многу од полза какви било материјално-технички и финансиски средства за да ја изградиме првата спасителна станица во Прилеп. Сето ова е наш приватен ангажман со приватни возила и опрема, но нашиот дух е силен и веруваме дека ќе успееме во оваа иницијатива да побараме помош од сите граѓани, фирми институции. Во ноември имавме показна вежба за спасување човечки живот во опожарен стан во 13-катната зграда во Прилеп. Потпишавме меморандум за соработка со Дирекцијата за заштита и спасување. Ни ветија пакети со опрема, но сè уште не е реализирано. И локалната самоуправа ни даде шанси, но сè уште нема одговори. Можеме да помогнеме во какви било услови, и во урбана и во рурална средина. Спасување од дрвја, карпи, од пропасти, бездни, има многу ловџии и рибари кои се протслизнуваат во тешки и опасни терени, тука е спасувањето од карпи на спортските качувачи, параглајдеристи, а секако и за сите граѓани во тешки и опасни услови, изјави Неданоски.
Како служба, веќе ги побарале да помогнат во спасување параглајдерист.
– Деновиве имавме повик да помогнеме на параглајдерист кој беше на врвот на боровите кај мечкин камен, заглавен на преку 12 метри, па бевме во спасувачка акција, вели Неданоски.
Не случајно првата спасувачка станица е на превојот Плетвар.
– Тоа е стратешка позиција за да може да „покриваме“ дел од Дреновска и Фаришка клисура каде има насоки за качување, а од другата страна на увид е Пелагонија, зашто има голем број пештери, пропасти, карпи за качување каде се спортските качувачи, алпинистите, болдерите, а и територијата на Крушево каде се претежно параглајдеристите, рече Неданоски.
За спасување се подготвени и 90-ината извидници од извидничкиот клуб „Феникс“.
– Во извидничкиот клуб „Феникс“ се 90-ина членови и има интерес за извидништвото. Подготвени сме да помогнеме и да бидеме на припомош на спасувачката служба, вели Ана Плетварец.
Прилеп како град со авантуристички спортови заслужува да има спасувачка служба и да биде на светската мапа за спортистите и туристите.
– Прилеп како град со огромен потенцијал за авантуристички и на многу „аут-дорс“ спортови – мото трки, искачувања, болдеринг, параглајдерство, сето заслужува градот да има спасувачка служба, за Прилеп да биде на светската мапа за сите спортисти и авантуристи да може побројно да го посетуваат за да се развива авантуристичкиот туризам. Во Македонија се неколку спасителски служби. Секако дека сите сме поврзани, имаме договор за соработки и доколку треба помош сме подготвени во секој момент. Се надевам дека свеста кај локалните институции и другите ќе помогне службата да ја опремиме и да ја одржуваме, вели спелеологот Дарко Неданоски.