За реформите во образованието

Идејата и потребата од реформи во образованието е постојано актуелна во македонската јавност, кај вработените во оваа сфера, но и во сите изборни понуди на политичките партии. Секоја политичка гарнитура посакува да изнедри формула со која образовниот процес би се осовременил, би станал поквалитетен, поефикасен, поефективен, налик на образовните системи на високоразвиениот свет. Неуспехот на позицијата во реформирањето на образованието е силна аргументација на опозицијата во врска со владеењето на политичката позиција. Меѓутоа и покрај малите помаци на овој план, сепак образованието од сите степени останува и натаму една од најслабите карики на функционирањето на општествениот систем во Република Северна Македонија.

Еве, повторно се зборува за реформа на образованието. Доза на сериозност на намерите на актуелните власти за оваа реформа е програмската определба на доминатната политичка партија – СДСМ (и нејзината коалиција) за обезбедување на квалитетен образовен процес, како и тоа дека на чело на Министерството за образование и наука е назначена една од носечките кадровски фигури на партискиот естаблишмент (г-ѓа Мила Царовска), што неведува дека кон реформскиот зафат ќе се има сериозен и одговорен приод.

Покрената иницијатива за реформа во образованието предизвика големо внимание, како во образовните институции, така и во широката општествена јавност на Република Северна Македонија. Се разбира и кај опозицијата. Реакциите се различни, иако се уште oфицијален документ во јавноста нема. Генерално, иницијативата се прифаќа, но некои сметаат дека е однапред осудена на пропаст, некои во неа гледаат чист политички маркетинг со мала сериозност, некои во стартот не се согласуваат со определени идеи кои се достапни до јавноста итн. Меѓутоа, едно е сигурно, најтешки се напорите за реформи во областа на образованието, а потоа следат реформите во правосудството, здравството итн. Образованието е најмасовниот и најзначајниот општествен  елемент, па неговата реформа претпоставува многу сериозен и одговорен општествен ангажман на сите индивидуални и групни субјекти кои се инволвирани во таа активност.

Немам намера да предлагам некакви конкретни решеннија, туку да ги потсетам реформаторите на некои битни стандарди и принципи во пристапот кон промените, а врз кои треба да почива образованието за да може успешно да ја извршува својата возвишена општествена функција. Прво, образованието не е насилство, страшилиште, тортура; училиштето не е зандана, Бастилија; учителите (тие што не` учат) не се диктатори, лошите момци, монструмите… Училиштето е местото каде се стекнува знаење, се социјализира личноста, се стекнуваат другарства, но и  се игра. За жал, во досегашниот образовен процес нема многу место за играта, односно за играчката компонента која теба да биде вградена во сите сегменти на едукативниот процес (не само на часовите по фискултура). Играта ја нема ако секој ден имате по 6-7 часови, па уште и ако сите тие часови се определени за испитување (повторување на материјалот), а за следниот ден имате 6-7 домашни задачи… Во меѓувреме треба да се најде време да се оди на дополнителни часови по јазици, математики, хобија кои се доживуваат како обврска, а не задоволство… Во такви услови нема игра, училиштето се претвара во тортура, насилство, трка со времето, незадоволство, преоптеретеност и слично на тоа. И за децата и за родителите. Играта не е само физичка активност во еден училишен час, таа е поширока категорија од физичкото и се манифестира како задоволство, забава, опуштеност при извршување на сите училишни задачи. Тоа нашиот систем на образование никогаш до сега не го обезбедил и затоа тој се доживува како нешто мачно, задолжително, исцрпувачко. Реформаторите за ова мораат да водат сметка. Второ, во околностите на 21 век образованието не е веќе само учење на информации. Сите потребни информации се сместени и во малото апаратче кое веќе го има во рацете на речиси сите ученици, мобилниот телефон. Децата знаат каде се информациите, училиштето треба да ги научи да располагаат со информациите, да ги комбинираат со сопствените искуства, да ги поткрепуваат со нив сопствените креации, да ги збогатуваат сознанијата, да создаваат нови информации… Компјутерите не се исклучиво за гејмови, тие имаат многу поголема и поблагородна мисија – да бидат во служба на човековото усовршување, но и на задоволување на играчката компонента… Трето, реформите треба да го намалат бројот на часови, количината на учебниот материјал, но и квалитетот на понудените инфромации… Овде ќе се наметне и потребата од преиспитување на бројот на нставен кадар и што да се прави со прекубројните вработени, но и со училиштата во кои има мал број ученици. Мислам дека наставниот кадар во голема мера ќе ги проценува и (не)прифаќа реформите низ призмата на натамошните лични работни ангажирања. Четврто, многу значајно прашање е и материјалната компонента, на пример, изгледот на училиштата, помагалата, но и изгледот на наставниците кои според својот социјален статус неоправдано се сместени во долните слоеви на средната класа кај социјалната стратификација на македонското општество. Петто, да се води сметка за мислата на Емил Диркем дека примарна цел на образованието е да ги подготвува, оспособува децата за нивната идна професија. Но професиите се многубројни и создаваат широк свет на трудот – занаети и академски титули, едноставни дејности и дејности во сферата на високата креација. Образованието треба да ја покрие целата оваа лепеза на оспособување на луѓето за нивно успешно вклучување во сферата на трудот, на егзистенцијата. Образованието не е наменето само за стекнување на академски титули, тоа треба да ги следи сите кадровски потреби на сферата на трудот. Шесто, стариот мудрец Карл Маркс порачува дека и воспитувачите треба да бидат воспитувани. Седмо, но но не и последно, образованието треба да функционира согласно „духот на времето”. Во оваа епоха на ослободување на човекот и на негово „очовечување” (Јасмин) училиштето, образовниот систем мора, покрај знаење, да биде и своевидна школа на демократија, на мултикултурализам, на мултиетничко, на човекови права и слободи, на европеизиран граѓанин, на технологија, на новиот начин на производство, на натамошни научни продори и слично. Тоа се насоките и контурите за успешен систем за едукација на идниот македонски граѓанин на светските простори.

П.С. Препорака до реформаторите: чувајте енергија за реформите во сферата на високото образование, таму ќе го видите вистинскиот лик на лавиринтите и на Пандориината кутија во едукативниот процес на РСМ…

Ѓорѓи Тоновски

Back to top button
Close