За сега нема план за релокација на бегалците од Мориа во други ЕУ земји

Европската Комисија за сега е фокусирана на преместување на четиристотини деца од бегалскиот камп Мориа на островот Лесбос кон внатрешноста на Грција, по пожарот кој избувна синоќа, но за сега нема план за релокација на бегалци во други земји на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, не беше во можност да одговори на новинарските прашања попладнево за перспективите на илјадниците бегалци од кампот во Мориа, освен за околу 400 деца без придружба кои ќе бидат преместени во други делови од Грција.

-За сега сме во рана фаза на процена и во интензивна комуникација со грчкиот премиер и министерот за миграција како и властите на островот, изјави Шефчович. Тој додаде дека Европската Комисија ќе мобилизира во рекордно време сè што е потребно во смисла на опрема, прва помош и други здравствени реквизити, но за релокацијата на бегалците вели дека е прерано да се дискутира.

Синоќа во бегалскиот камп Мориа на островот Лесбос, каде се задржани околу тринаесет илјади бегалци, избувна пожар во за сега нецелосно разјаснети околности.

Европската Унија со години не може да постигне компромис за реформа на својата политика на азил и миграција поради отпорот на повеќе земји членки, пред сè од источна Европа, како Унгарија, но и други.

Согласно постоечката законска рамка на ЕУ за миграција, првата земја во која пристигнуваат бегалците е задолжена да ги процесуира нивните барања за азил, со што земјите кои се наоѓаат на надворешните граници на ЕУ се ставени од огромен притисок. За многумина во Европа пожарот во Мориа е „симбол на катастрофалната миграциска политика на ЕУ“, коментираат денеска некои европски медиуми, додека други директно ја обвинуваат Европската Унија за драмата на Лесбос, нагласувајќи дека граѓанското општество и медиумите со години предупредуваат на кревкоста на бегалците во овој камп.

Back to top button
Close