За шефот на ОН, заклучоците од конференцијата за климата се добредојдени чекори напред но недоволни

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека „климатската катастрофа сè уште тропа на вратата“ и покрај договорот постигнат на Конференцијата на ОН за климата (КОП26) во Глазгов.

Меѓународната конференција за климата заврши со „добредојдени чекори напред, но тоа не е доволно“, напиша шефот на ОН во соопштение.

Гутереш, кој синоќа си замина од Глазгов, наведувајќи ги целите кои не беа постигнати на оваа конференција, истакна дека не е постигнат прекин на субвенциите за фосилни горива, за прекин на употребата на јагленот и цената на емисиите на јаглерод, како ни договор за финансиска помош за најсиромашните.

– Усвоените текстови се компромис. Тие ги одразуваат интересите, ситуацијата, противречностите и состојбата на актуелната политичка волја во светот. За жал, колективната политичка волја не беше доволна да се надминат длабоките противречности, напиша тој.

Тој напиша дека е време да се премине во модус „итност“ и посочи дека за сега преземените обврски за намалување на емисиите на штетни гасови не овозможуваат исполнување на целите од Парискиот договор за одржување на затоплување под два степени Целзиусови во однос на прединдустриската ера, а уште помалку за да се постигнат идеалните цели да се задржи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови.

Back to top button
Close