За сите терапии има квалитетна замена, обезбеден е континуитет во лекувањето – вели директорот на Клиниката за онкологија

За лековите што поради застој во дистрибуцијата треба деновиве да пристигнат на Клиниката за онкологија, има соодветна замена со идентична ефикаснот. Ова денеска го соопштија од Клиниката за онкологија во Скопје, откако вчера 64-годишна жена што се лекува од рак на белите дробови излезе со наводи дека на Клиниката нема терапија за лекување на болните од рак.

Оттаму додаваат дека сите пациенти што се лекуваат на ова Клиника, ја добиваат потребната терапија, како и дека се достапни лековите за третман на онколошки заболувања.

Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје / Фото: Принтскрин

„Лекот ‘пацлитаксел‘ (paclitaxel) е навреме нарачан од страна на Клиниката, но поради застој во дистрибуцијата, најавено ни е дека деновиве ќе биде дистрибуиран. За овој лек има замена од истата група на лекови со идентична едикасност, а тоа е лекот ‘доцатексел‘ (docatexel). Лекот ‘ерлотиниб‘ (еrlotinib) се заменува со ‘гефитиниб‘ (gefitinib), кој има идентична ефикаснот“,

се вели во соопштението од Клиниката за онкологија во Скопје.

Според директорот на Клиниката, Игор Стојковски, тендерите се навреме спроведени и очекуваат овие лекови да пристигнат во првата недела од месец јули.

„Во меѓувреме, уверувам дека за сите терапии има квалитетна замена и целосно е обезбеден континуитет во лекувањето“,вели тој.

Министерството за здравство соопшти дека оваа година двојно е зголемен буџетот за иновативни лекови за Клиниката за онкологија.

Инаку, наводите дека на Клиниката за радиотерапија и онкологија нема терапија за болните од рак на бели дробови вчера во изјава за ТВ Телма ги изнесе 64-годишна пациентка што се лекува на Клиниката.

Таа посичи дека од препишаните четири хемотерапии, една примила на 28 мај, но кога требало да ја прими втората, закажана за 18 јуни, за неа немало терапија, со образложение дека сè уште не пристигнале набавените лекови за нејзиниот тип на канцер.

На оваа тема денеска реагираше и Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) од каде за катастрофална и нечовечна ја оценија состојбата во здравството, за што ја обвинија владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски.

Оттаму посочија дека на Клиниката за онкологија нема лекови за пациентите со рак на бели дробови – ниту класична хемотерапија, ниту неопходната биолошка терапија како што е лекот „ерлотиниб“ (erlotinib), која е недостапна на клиниката од средината на мај.

Во случајов, според опозицијата, не станува збор за бирократски попуст, туку за загрозување на човечки животи додека надлежните се занимаваат со други теми.

Back to top button
Close