За Скопје условите за старт на преговорите се исполнети, Софија инсистира на одржливи и неповратни резултати во добрососедски односи

– Во пресрет на самиот на ЕУ во јуни продолжува притисокот врз Софија да го повлече ветото и да ги одблокира евроинтеграциите на Северна Македонија. За македонската страна условите за старт на преговорите се исполнети и сега е на ЕУ да испорача, а решението за спорот треба да се бара во рамки на Договорот за добросоедство. Бугарија инсистира на постигнување одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедските односи.

Американскиот државен секретар Ентони Бликен, по негова иницијатива, оствари телефонски разговор со претседателот на Бугарија Румен Радев а меѓу темите на разговор биле и евроинтеграциите на Република Северна Македонија и Албанија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, државниот секретар на САД изрази надеж за забрзување на процесот на европска интеграција за Северна Македонија, при што двајцата соговорници истакнаа заеднички став дека тоа е во интерес на стабилноста и безбедноста не само на регионот, туку и на Европа.

За време на разговорот, Радев потсети на постојаната поддршка на Бугарија за членство на Република Северна Македонија и повика на постигнување одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи.

По Извршната наредба на претседателот на САД Џо Бајден издадена пред неколку дена, со која се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, вчера од Стејт департментот упатија порака  дека Вашингтон поддржува страт на преговорите за влез во ЕУ со С Македонија и Албанија без одложување

– Поддржуваме отворање преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одложување. Се ангажираме на највисоки нивоа во Владата, за да ја демонстрираме нашата посветеност кон европскиот пат на земјите аспиранти, напиша портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс на Твитер.

Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев вчера на средба во Софија со неговиот чешки колега Јакуб Кулханек изјави дека Бугарија е отворена за активен дијалог и во изминатите денови се прави се што е можно од бугарска страна, како и од страна на Северна Македонија, за градење позитивна атмосфера и обновување на довербата во билатералните односи. Стоев, како што јави дописникот на МИА од Софија, исто така рече дека во однос на Северна Македонија имаат целосен континуитет во својата позиција, и оти за Бугарија е од клучно значење одржувањето на добрососедските односи и добивањето неопходни гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство.

– Од нашиот најблизок сосед очекуваме конструктивен одговор за изнаоѓање одржливо и трајно решение, што ќе придонесе за безбедноста и просперитетот не само на нашите две држави, туку и за целиот регион, рече Стоев.

Извршната наредба издадена неделава од американскиот претседател Џо Бајден, со која се проширува опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка во фокусот на разговорите во Владата меѓу премиерот Заев и американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз. Премиерот Заев изрази задоволство што на листата на меѓународни договори кои се значајни за регионот, во Извршната наредба е наведен и Договорот од Преспа, како еден од гарантите за безбедноста и стабилноста во регионот.

Во обраќањето на првата од караванот партиски трибини „Најдоброто за нашата општина“, премиерот и лидер на СДСМ, нагласи дека за нас е многу важно што земјите членки на ЕУ, меѓу кои и Франција го поддржуваат процесот на интеграција во Унијата. Пред нас е, вели тој, Самитот на Европскиот Совет во јуни, вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат.

– Направивме се, сработивме, ги исполнивме сите критериуми, на ред е ЕУ да испорача. Подготвени сме за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Секако прашањата за македонскиот јазик и идентитет не се и не може да бидат на која било маса. Се бориме за иднината на земјата и ќе направиме се за неа, вели Заев.

Генералниот директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ Хари Локвенец и неговиот бугарскиколега Красимир Папукчиски, генерален директор на Националната компанија за Железна и патна инфраструктура (ДК НКЖИ) на Република Бугарија, вчера од Скопје најавија дека ќе се интензивира изградбата на железничката пруга Софија – Скопје, која е дел од Коридорот 8.

– Конечно, после речиси 30 години, железничката пруга за поврзување на Северна Македонија и Бугарија станува реалност. Добрите намери со кои беа поплочени повеќе најави досега, сега се преточени во конкретни, реални и најважно од сѐ – остварливи цели. Реалност, затоа што парите се обезбедени, вкупно 165 милиони евра. Реалност, затоа што имаме комплетно готов проект и затоа што привршува тендерската постапка за избор на изведувач. Реалност, затоа што следува градба на пругата оваа 2021 година. И конечно реалност, затоа што овој проект го придвижуваме заедно со нашите партнери од Бугарија, рече Локвенец.

За проектот Папукчиски истакна дека „овде, сите сме свесни за нашата одговорност во однос на реализацијата на Паневропскиот транспортен Коридор 8, којшто ќе го поврзе Јадранското море со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија“ и посака плодна работа.

Во меѓувреме, без успех заврши 14. дводневен состанок на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања што се одржа онлајн изминатите два дена, а којшто е трет од предвидените пет за оваа година.

Back to top button
Close