За Софија условната казна за Љупчо Георгиевски е „категорично неприфатлива“

За официјална Софија никаква друга пресуда освен ослободитела не е прифатлива во процесот на Љупчо Георгиевски, претседател на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола. Условната казна што ја изрече судот во Битола за бугарското Министерство за надворешни работи е „категорично неприфатлива“.

Во соопштението бугарското МНР се вели: „Георгиевски е еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Република Северна Македонија, претседател на Културниот клуб ‘Иван Михајлов’ – Битола, кој беше затворен од властите во Скопјe, и бугарски државјанин.

Апсолутно е неприфатливо во земја која тврди дека е пример за функционална мултиетничка демократија, отвореното декларирање на припадност кон бугарскиот народ, почитувањето на бугарските национални симболи и херои и ширењето на автентична бугарска литература да бидат казнети со закана од затвор.

Несомнено е дека пристапот на властите во Северна Македонија, заедно со намерното создавање атмосфера на нетолеранција преку постојана антибугарска реторика, има за цел да всади страв од остварување на правото на слободно самоопределување, да ја маргинализира и стигматизира бугарската заедница“, се вели во соопштението.

Во него уште се нагласува дека кршењето на правата на Бугарите во Македонија е факт што не може да се негира. „Денешната судска одлука против г. Георгиевски е уште една потврда за практичното одбивање на властите кај нашиот југозападен сосед да ги гарантираат основните права на оваа група свои граѓани. Напротив – наместо да ги заштити, судскиот систем активно се користи против нив. Ова е исто така јасен доказ за проблемите што јасно ги идентификува ЕУ со независноста, професионализмот, ефикасноста и непристрасноста на судскиот систем во Северна Македонија.

Сепак, пристапот на институционално заплашување не може да го замолчи гласот на македонските Бугари и нивната легитимна аспирација да ги гарантираат своите права како полноправни граѓани на Северна Македонија во духот на европските вредности и достигнувања.

Бугарските институции остануваат непоколебливо посветени на гарантирањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, вклучително и користењето на сите меѓународни механизми во областа на човековите права“, вели МНР од Софија

Љупчо Горгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола беше осуден на една година условна казна затвор. За него има услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.

Back to top button
Close