За трагедијата во „Пулс“ обвинителството и судството се поставени во служба на власта, вели пратеникот Реџепи
Реџепи додаде дека за случајот во Кочани има истрага за секого надвор од претставниците на власта што, според него, е жалосно за еден правен систем
Пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Народното движење, кое е дел од „Европскиот фронт“, обвинува дека во случајот со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, што е една од најголемите трагедии во Северна Македонија, обвинителството и судството се поставени во служба на власта.
Според Реџепи, сочувството до родителите никогаш не недостасувало, но она што недостасува е правдата за Кочани.
„Жалосно е дека и обвинителството и судството традиционално се поставуваат во служба на власта, во овој случај во служба на премиерот кој јавно бараше разрешување на јавниот обвинител, за после тоа истиот да бара одложување за да продолжи политичко делување на обвинителот, а не правно како што е задолжен“рече Реџепи како одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Собранието.
Реџепи додаде дека за случајот во Кочани има истрага за секого надвор од претставниците на власта што, според него, е жалосно за еден правен систем.
„Верувам дека меѓународната јавност треба да биде запознаена со ваков начин на делување во кој политички се влијае врз институциите кои треба да бидат тотално независни“додаде тој.
Тој додаде дека ако е во Скопје, утре најверојатно ќе учествува на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, каде треба да се одржи надзорна расправа „Пропустите на државните органи кои придонесоа за трагедијата во Кочани на 16.03. 2025 година“.
На новинарско прашање за претстојните локални избори и за кандидат за градоначалник на Општина Студеничани, Реџепи рече дека преговорите меѓу претседателите на партиите во коалцијата се во тек и оти се очекува наскоро да бидат финализирани договорите.
По ова, додаде Реџепи, ќе излезат јавно како „Европски фронт“ со одлука.
„Сметаме дека токму во Општина Студеничани, Народно движење е еден главен фаворит меѓутоа и тоа е наше барање во текот на преговорите, но нема да бидеме пречка за заеднички договор, ќе бидеме толерантни согласно поважните работи што се во државата“,рече Реџепи.
Прашан дали останува да биде дел од „Европски фронт“ или може да се очекува да замине во власта, Реџепи рече дека срамно да добие таква понуда.
„За мене е срамно да ми дадат понуда оти сум дел од ’Европскиот фронт’. Значи такви понуди повеќе би ме засрамиле отколку што би ми дале некаков приоритет“рече тој.
Во однос на тоа дали има преговори меѓу „Европскиот фронт“ и крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Тарвари, Реџепи рече дека доколку има такви разговори тие се водат меѓу претседателот на ДУИ и Таравари и оти тоа не е во рамките на „Европскиот фронт“.
Тој вели дека „Европскиот фронт“ ќе донесе одлука за било каква соработка со било која политичка партија согласно своите интереси и дискусиите што ќе бидат отворени на јавна дебата.
Инаку, денеска коалицијата „Европски фронт“ до Собранието поднесе Предлог-резолуција за хуманитарната криза во Појасот Газа.
Реџепи соопшти дека резолуцијата е донесена тргнувајќи од основните принципи на човековите права и меѓународното хуманитарно право, моралната и правна одговорност на меѓународната заедница да се спротивстави на кршењето на правото на живот и достоинство на луѓето.