За уште една недела продолжени рестриктивните мерки
Исклучок за дел од овие мерки ќе биде дозволен за организирање, одржување и учество на секаков вид семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани во организација на Министерството за образование и наука за наставниот кадар, а се однесуваат на континуиран и непречен тек на образовниот процес во основното и средното образование по строго наменски протоколи.
Исклучокот се однесува и за организирање и одржување на пионерски, кадетски и младински спортски натпревари, како и професионални спортски натпревари, без присуство на публика и исклучиво во согласност со наменски одобрени протоколи и по претходно извршено ПЦР тестирање пред натпреварите организирано од страна на клубовите.
Јавниот превоз ќе продолжи да функционира до 20:00 часот, согласно одлуката на Влада на РСМ за продолжување на одлуката за забрана на движење на населението во период од 20:00 до 5:00 часот, заклучно до 27 април 2021 година. Од ЈСП информираа дека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат од 7:00 до 18:30 часот.
Комисијата за заразни болести наредниот понеделник ќе ја разгледа епидемиолошката ситуација и согласно индикаторите треба да даде препораки за продолжување или олабавување на мерките за заштита.
Во меѓувреме, намалување од 24,3 отсто на бројот на позитиви случаи на КОВИД-19 во земјава во изминатата недела регистрира Институтот за јавно здравје. Намалување има и кај бројот на смртни случаи, пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, што е за 25,4 отсто помалку во однос на минатата недела. Процентот на позитивни случаи од вкупно тестирани се движи од 15,3 до 27,9 отсто или во просек 22,6 отсто. Доминантен сој кај примероците што се земени од заразените е британскиот.
Од Главниот координативен кризен штаб пред два дена најавија дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање, ќе биде разгледана можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.
Ќе се разгледа можноста во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа во отворениот дел, забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, како и да се дозволи организирање на спортски тренинзи во фитнес центри/клубови на отворен простор и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.