За Витешкиот медал од Редот „Клоца в газ“

И од неопходната историска дистанца, сѐ уште звучи шокантен изборниот резултат на британските конзервативци, предводени од Винстон Черчил, на парламентарните избори во јули 1945 година: светски прославениот, ако не и клучниот политичар за поразот на Хитлер во Втората светска војна, со личен рејтинг во јавноста од неверојатни 83%, иако војната на далечно-азискиот фронт траеше до септември 1945, беше поразен на изборите со понижувачки резултат што ретко се случува во еден од најстарите демократски изборни системи – лабуристите, предводени од Клемент Атли, ќе освојат апсолутно мнозинство во парламентот со 146 пратеници повеќе од конзервативците!

Дали Черчил ја бакнал Елизабета в чело – оваа, истата, што денеска има 95 години – на својата последна официјална посета во Бакингемската палата… Кој го искршил и запалил неговиот „државен“ портрет некоја година подоцна… И дали ги пушел или почесто само незапалени во рака ги држел пурите по кои ќе остане вечно запаметен… Сето тоа се легенди за забава за народ.

Но, историската лекција со пост-воениот изборен дебакл на Черчил би требало да им е поука на сите политичари дека во демократиите, кога гласачите ќе застанат зад параванот за гласање, повеќе се заинтересирани за она што проценуваат дека им ја носи догледната иднина, отколку за славното (или мизерно) минато на кој било од лидерите што ги предводат изборните листи.

Ете, Британците беа емотивно истоштени од Втората светска војна и посакаа „Нов почеток“; Македонците се тотално изморени од приказната за европските интеграции и борбата со ковидот, иако не се претераа ни со гласачка верба во ветената „Нова иднина“. Напротив.

Од тие причини Христијан Мицкоски и на овие избори, сукцесивно, петти пат по ред, загуби 35.000 гласови во споредба со претходните. А, од Заев, по серија изборни победи, сега се откажаа цели стотина илјади поранешни гласачи. Разликата е во тоа што Мицкоски, без голема лична и партиска заслуга, се третира за формален победник на изборите, а Заев е фактичкиот губитник кој, и во таква ситуација, прави нешто што ни Мицкоски, а ни многумина пред него никогаш не (би) го направил: ја најавува својата оставка од челото на Владата, доколку коалицијата што тој ја предводи, во вториот круг, не го освои градоначалничкиот мандат во Скопје.

Ретка е и крајно невообичаена оваа стратегија во политиката: да се „заканиш“ со оставка не откако, туку пред да ја добиеш или загубиш крајната изборна трка! Во коцката тоа се вика ол ин, па кому иде! Влогот е крупен, најкрупен, но користи како еден вид ставена изборна хипотека, имотна гаранција за „кредитот“ што се бара од гласачите кога во вториот круг од гласање ќе ја потпишуваат бирачката „меница“ со главниот протагонист од власта.

Колумната на Сашо Орданоски во целост причитајте ја тука

Back to top button
Close