За влез во Словенија повеќе не важат ПЦР тестовите од Северна Македонија и регионот
Според одлуката на словенечката влада, од денеска веќе не е можно да се влезе во таа земја со направен негативен ПЦР тест во институции во земји кои не се членки на ЕУ, односно на шенген зоната, соопштено е на веб-страницата на Амбасадата на Словенија во Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, за влез во Словенија веќе не важат ПЦР тестовите од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Како што е наведено, почнувајќи од 25 декември, влез во Словенија без одење во карантин можен е само со негативен ПЦР тест од ЕУ, односно од шенген зоната, не постар од 24 часа.
Тоа се лицата кои се вработени во една од земјите-членки на ЕУ или друга земја од шенген зоната, за што имаат доказ, односно потпишана изјава со која се докажува причината за преминување на границата како дневен работник-мигрант и се враќаат во рок од 14 часа по преминувањето на границата, оние кои вршат меѓународен транспорт, како и лица кои превезуваат стока во Словенија или од Словенија во комерцијален сообраќај или во товарен сообраќај во транзит и ја напуштаат Словенија во рок од осум часа по преминувањето на границата.
Исто така, иземени се лица што патуваат транзитно низ Словенија и ја напуштаат не подоцна од шест часа по влегувањето, претставници на странски безбедносни органи, кои извршуваат службена задача и ја напуштаат Словенија што е можно поскоро по извршување на задачата, лица кои се донесени во Словенија со брза помош и медицинската придружба во тоа возило, како и лица со дипломатски пасош.